Сунак се надева дека кралот брзо ќе закрепне

Риши Сунак и кралот Чарлс/ Фото Aaron Chown / PA Images / Profimedia

Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека е шокиран од веста дека на кралот Чарлс му бил дијагностициран рак и се надева дека монархот брзо ќе закрепне бидејќи болеста е рано зафатена.

Бакингемската палата во понеделникот објави дека 75-годишниот Чарлс, кој пред 18 месеци дојде на тронот по смртта на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, ги одложи јавните ангажмани откако му беше дијагностициран облик на рак.

Неговиот помлад син, принцот Хари, кој е отуѓен од кралското семејство, наскоро треба да се врати во Британија. Неговиот постар брат, престолонаследникот Вилијам, се очекува да преземе некои должности како монарх.

Сунак изјави за радио Би-Би-Си дека е шокиран и тажен од веста. „Сите наши мисли се со него и неговото семејство. Знаете, за среќа ова беше рано фатено“, рече тој.

Чарлс планира да продолжи да врши голем дел од неговата приватна работа како монарх, што ја вклучува неговата неделна аудиенција со премиерот. Сунак рече дека е во редовен контакт со кралот.

„Секако дека ќе продолжи нормално, продолжуваме со се“, рече тој.

Чарлс ја помина ноќта дома во понеделникот, откако почна да се лекува за „еден облик на рак“, соопшти Бакингемската палата.

На британскиот крал му бил дијагностициран рак минатиот месец кога поминал три ноќи во болница каде бил опериран поради зголемена простата. Освен потврдата дека не се работи за рак на простата, од палатата не откриваат други детали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот