Судијата Ристов заминал „на боледување“ пред една недела – оттогаш нема ни трага ни глас од него
Судијата Ѓоко Ристов, во чија семејна куќа во Неготино беа пронајдени околу 350.000 евра заѕидани во ѕид, минатата недела на работното место во Апелациониот суд – Скопје рекол дека е болен и дека ќе замине на боледување, по што повеќе не се појавил на работа, дознава „Сакам да кажам“ (СДК) од свои извори.
Препорачано
Две недели претходно, истражители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, заедно со припадници на МВР, извршиле претрес во станот на судијата Ристов, но таму не биле пронајдени сомнителни предмети.
Оттогаш, според истите извори, не е познато дали Ристов се наоѓа во државата, а на не одговара ни на телефон. Од Обвинителството, на прашање на порталот СДК дали имаат информации за неговата локација, не дале конкретен одговор, наведувајќи дека „во наредните денови јавниот обвинител ќе одлучи за евентуални мерки за обезбедување на присуството на осомничениот“.
Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница
Истрагата се пренасочи кон судијата Ристов откако првично се водеше постапка против адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа, осомничен за давање поткуп на судија од Апелациониот суд во Скопје.
Според сознанијата на истражните органи, постои сомнеж дека станува збор токму за Ристов, во чија семејна куќа, во сопственост на неговиот татко, била откриена сума од 350.000 евра.
Фехми Стафа работел во институцијата каде што е вработена и сопругата на Ристов.
Според истрагата од 14 декември, Стафа наводно му дал поткуп на судијата Ристов во име на бизнисменот Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, кој до неодамна бил во бегство.


