Судбинската љубов на Мирослав и Бела Крлежа: Кога починала, го разбудиле рој птици

Фото: Фејсбук/Мирослав Крлежа

Хрватскиот писател Мирослав Крлежа, кој е починат на денешен ден во 1981 година, првпат ја видел својата Бела во 1909 година на прозорецот од една куќа во Оточац, кога го посетил градот по наговор на неговиот другар од кадетското училиште и вујко на Бела, Дане Вуксан.

– Зборовите на вујкото оставија впечаток и кај младата Бела, која со зголемен интерес ги слушаше неговите приказни за младиот Крлежа. Крлежа го посетил својот пријател Дане во два наврати, во 1910 и 1911 година, а потоа за првпат, откако се „појавил“ на прозорецот во Оточац, ја здогледал Бела. Во Зрињевац во август 1917 година се случила судбоносната средба. Бела се шетала со другарка. Мирослав ѝ пришол и договорил средба следниот ден на шеталиштето. Од тој ден се разви нивната меѓусебна наклонетост, која прерасна во љубов. Нивните родители биле против врската на младата двојка, но и покрај се, тие започнале да се гледаат. Поддршка им дал само Вуксан, па парот одлучил да направи тајна венчавка. Тие се венчаа во црквата Св. Блаж во Загреб на 14 ноември 1919. Свадбената церемонија била скромна и без роднини. Кумови на парот беа сликарот Љубо Бабиќ и писателот Милан Беговиќ, истакнува Весна Вукелиќ Хорватиќ.

Според неа, брачната двојка Крлежа го напуштила Загреб во август 1920 година и отишла во Дуга Риека кај Копривница, каде Бела се вработила како учител. Бела во никој случај не била задоволна од нејзината работа, а Крлежа тешко се справувал со животот во провинцијата. И нив ги мачела сиромаштијата, па Крлежа размислувал да се пресели во друг град во областа на тогашната држава СХС. Решението се појавило во вид на наследството на тетката на Крлежа, која му оставила стан на улицата Куковиќева (денешна Хебрангова) и вреден имот составен од скап мебел, уметнички предмети, пари, хартии од вредност и тегла полна со злато.

– Со тоа се подобрија нивните услови за живот, што резултираше со нивно враќање во Загреб во летото 1921 година, но и нормализирање на односите меѓу нивните семејства. Пред да се преселат во Гвозд 23, во периодот од 1922 до 1952 година, Бела и Крлежа смениле четири адреси во Загреб. Тие останале во станот на улица Куковиќева бр. 28, каде што живееле како заштитени станари бидејќи зградата била сопственост на семејството Сингер, до 1935 година. Таму ги поминаа деновите на вистинска среќа, професионални успеси, но и првите брачни проблеми поврзани со честите отсуства на Крлежа од Загреб. Бела и Мирослав Крлежа живееле кратко во стан на улицата Михановиќева. Таму Крлежа го заврши пишувањето на своето ремек-дело „Баладите на Петрица Керемпух“, а Бела се истакна со глумењето помали улоги на репертоарот на комедијата – нагласува Весна Вукелиќ Хорватиќ.

Бела Крлежа, Фото: Instagram-принтскрин

Таа објаснува дека брачната двојка Крлежа од станот на „воената депресија“ често бегале на улица Малинова со семејството на д-р Берислав Борчиќ. Не им било лесно да ја преживеат војната бидејќи Крлежа бил ставен на листата на забранети писатели. Неколку пати бил фатен, а од сигурна смрт го спасил д-р Ѓуро Вранешиќ, невролог и психијатар кој раководел со Санаториумот за нервни болести во Зеленгај.

-Под превезот на „третманот“ Вранешиќ го скрил Крлежа во неговиот поткровен стан во санаториумот. До крајот на војната, Крлежа помина една година во изолација, но не мируваше – пишуваше дневници и есеи, го проучуваше материјалот за идните дела за Арете и Јурај Крижаниќ. За разлика од нејзиниот сопруг, Бела продолжи да работи во Хрватскиот народен театар, улогите ги играше една по друга, за што сведочат печатените медиуми од тоа време. По војната, брачниот пар Крлежа ја смениле адресата на живеење. Откако се вселиле во стан во центарот на градот биле задоволни, но со текот на времето, сообраќајот на улицата станал густ, бучава имало и дење и ноќе, а во дворот имало кланица, па Бела и Крлежа се преселиле во Вила Реин – пишува авторката на изложбата.

И покрај молкот на Крлежа за време на Втората светска војна, останувајќи цврсто на страната на Тито по резолуцијата на Информбирото, започнува издигнувањето на Мирослав Крлежа на општественото скалило.

Од октомври 1949 година до летото 1950 година, Бела и Мирослав Крлежа престојувале во Париз, каде што Крлежа бил главен проект-менаџер, еден вид „ductus generalis“, на голема изложба – „Изложби за средновековната уметност на Југословенскиот народ“, што било исклучително важно за имиџот на тогашната држава. По враќањето од Париз, Крлежа ги убедил југословенските политичари во потребата да се објави енциклопедија која ќе содржи сеопфатно знаење за народите во Југославија. Иницијативата на Крлежа била прифатена и на 5 октомври 1950 година бил основан Лексикографскиот институт на ФНРЈ, а Крлежа станал негов директор.

– Бела и Крлежа се населиле на Гвозд во 1952 година. Бела била воодушевена од просторот, Крлежа првично бил сомничав за идејата, но попуштил пред аргументите на Бела. Бела и Крлежа последните 30 години од животот ги поминале на Гвозд. Нивниот дом бил место за средба на луѓето од тогашниот културен и политички живот. Неколку пати ги посетил Јосип Броз Тито и неговата сопруга Јованка. Интересно е што семејството Крлежа угостувало само еден пар со образложение дека ќе можат целосно да им се посветат.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @hrv.ekspresionizam

Бела и Крлежа од почетокот на 50-тите често летувале на Бриони во друштво на Јосип Броз Тито и Јованка Броз, но и други тогашни политичари. Бела се појавила на сцената на Хрватскиот народен театар во октомври 1964 година последен пат. После тоа, таа престанала да настапува и се пензионирала на крајот на август 1966 година. По пензионирањето, општествениот живот на Бела не бил прекинат. Таа редовно се среќавала со нејзините пријатели и поранешни колеги.

За разлика од сопругата, Крлежа последните две години од животот не можел да се движи без бастун, а поради нарушено здравје ги прекинало социјалните и културните активности и се повлекол во осаменоста на својот дом во Гвозд. Тој повеќе не слегувал во градот; го посетувале пријатели, колеги, познаници, писатели, новинари. Сè уште бил раководител на Лексикографскиот институт, но никогаш повеќе не отишол во канцеларијата.

На почетокот на 1981 година, здравствената состојба на Бела се влошила и била пренесена во болница. Рој од птици го разбудиле Крлежа на 23 април 1981 година, денот кога Бела починала.

По смртта на Бела, Крлежа бил во депресивно расположение, забрзано опаѓал и размислувал за својата смрт.

Засекогаш ги затворил очите на 29 декември 1981 година.

Југословенска љубов: Милена Дравиќ и Драган Николиќ ги поврзал филм

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот