Студиото „Приватен принт“ ќе ја презентира видеоинсталацијата „Тела за еднократна употреба“ на Лара Рајхман
Во студиото „Приватен принт“ во Скопје на 5 март, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложба со видеоинсталацијата „Тела за еднократна употреба“ на словенечката уметница Лара Рајхман.
Препорачано
Поставката ќе биде проследена со уметнички разговор меѓу Лара Рајхман и Тиа Чичек, кураторка и истражувачка од Љубљана, кој ќе се одржи следниот ден, на 6 март, со почеток во 19 часот. Изложбата ќе може да се погледне до 26 март.
„Тела за еднократна употреба“, ги преплетува историските факти и фикцијата, црпејќи од приказната за жените вработени во опсерваторијата Харвард кон крајот на 19 век, кои документираат и мапираат ѕвезди на ноќното небо. Видеоинсталацијата, со својата историска позадина и самата поставка, користи метафора и поетски наратив за да го постави прашањето кој останува запаметен и како телата стануваат алатки во системи базирани на податоци.
Лара Рајхман (1995) е визуелна уметница од Љубљана, Словенија, која работи во областа на видео, анимација и дигитална графика. Комбинирајќи историски фрагменти со фиктивни наративи, таа (пре)обмислува приказни за заборавени, избришани или недостижни места, како и фигури кои постојат на маргините на запишаната историја.
Нејзините неодамнешни проекти се фокусираат на слики од далечинско набљудување и фотографија како алатки за екстракција на податоци, преиспитувајќи ја објективноста на таквиот визуелен материјал и дисперзираната гледна точка што ја овозможуваат дигиталните технологии. Преку употреба на кинематографски и театарски елементи, таа истражува различни пристапи кон раскажувањето приказни во рамките на изложбените простори.

Оваа изложба е дел од групната изложба „Светло минато е пред нас“ курирана од Илија Прокопиев и Марија Христова, првично создадена и поставена во галеријата „Шкуц“ во Љубљана во јуни 2025 година. Во 2026 година, се сели во студиото на „Приватен принт“ како дисперзирана програма од 5 мали самостојни изложби во текот на целата година.
Инсталацијата на Лара Рајхман во Скопје е реализирана во копродукција со галеријата „Шкуц“ во Љубљана. Изданието на „Светло минато е пред нас“ во 2026 година е кофинансирано од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.
Програмата на уметнички разговори е курирана од Јана Старделова и организирана во соработка со „Tиииит! Инк.“, а поддржана од „Kvinna till Kvinna“ и Амбасадата на Шведска во Скопје.


