Струмичани потпишуваат петиција против рудникот „Иловица-Штука“
Активистите на еколошките здруженија „Здрава Котлина“ од Струмица и „Еко Долина“ од Ново Село синоќа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица организираа настан накој собираа потписи против рудникот „Иловица-Штука“.
Препорачано
На настанот насловен „Еко повик – Потпиши се против рудникот на смртта“ граѓаните во отворената книга ставија потпис и го искажаа својот став против одлуката да се отвори рудникот кај Иловица.
Според нив, отворањето на овој рудник е сериозен проблем кој може долготрајно да наштети на струмичката котлина и целата флора и фауна на оваа територија.

Активистите кои се обратија на настанот порачаа дека во наредниот период ќе продолжат да собираат потписи во населените места и останатите општини во струмичкиот регион.
Од „Здрава Котлина“ минатата недела апелираа на итно раскинување на договорите за двете концесии согласно Законот за минерални суровини.
Потсетуваме дека двете концесии се истечени со повеќе од 3 години после максималниот законски рок, за секоја концесија поединечно. Советите на општините Ново Село и Босилово едногласно изгладаа декларација против изградба на рудникот Иловица-Штука. Граѓаните имаа и локални референуми во 2017, а сега во 2023 уште повеќе се против рудници зошто тоа неминовно значи уништување на Струмичкиот крај – се вели во реакцијата.
Владата си ја укина одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица
Минатиот месец, министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека барањето за спојување не е одбиено, туку само е укината одлуката што Владата ја донесе на 28 јуни годинава.
Владата мора да се произнесе дали го одбива или го прифаќа барањето. Со тоа што ја укина одлуката за спојување, не значи дека престанаа концесиите. „Еуромакс“ и понатаму ги има двете концесии и повторно ќе бара спојување врз основа на член 61 од Законот за минерални суровини, кој вели дека право на концесионер е ако има соседни концесии да ги спои. Министерството за економија по службена должност имаше комисија што излезе на терен – изјави тој.
ВИДЕО Протест против рудникот Иловица: Присутните ја запалија одлуката за спојување на концесиите

Во Струмица се одржаа и протести каде присутните ја запалија одлуката на владата со која се дозволува спојување на концесиите.
–Немојте да мислите дека ќе се отвори рудник, зашто тоа ќе доведе до отворени насилни судири и дестабилизација на државата. Такво нешто никогаш нема да има, рече еден од демонстрантите по што останатите извикуваа „Стоп за рудници, стоп за Иловица“.
Активистите го нарекоа спојувањето на концесиитее „криминален заговор против сите граѓани на Македонија“. Побараа да биде одземена концесијата и да нема рудник. Критики упатија и кон ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и кон ДУИ.


