Струмичани им порачаа на судиите: „Доста си играте пинг-понг со одлуката за Иловица!“

Протест против отворањето на рудник во струмичко / фото: Слободен печат/Југослава Дуковска

Под паролата „Конечна одлука сега“ група граѓани денес пред Вишиот управен Суд во Скопје одржаа протест, на кој побараа Управниот и Вишиот Управен суд да престанат да си играат пинг-понг со одлуката за одземање на концесијата на „Еуромакс Рисорсис“ за експлоатација на бакар и злато во месноста Иловица, струмичко и на тој начин вештачки да го одржуваат во живот овој повеќегодишен проблем.

Предметот со концесијата за рудникот Иловица веќе две години се развлекува на релација Управен – Виш управен суд, при што со најновата одлука, Вишиот Управен суд го врати на одлучување во Управниот суд. Овој суд во октомври годинава донесе одлука со која ја отфрли тужбата на компанијата „Еуромакс ресурцес“ и ја потврди одлуката на Владата да им се одземе концесијата Иловица за рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“. Против оваа одлука на Управниот суд, во ноември компанијата „Еуромакс ресурсис“ поднела жалба во својство на тужител, па случајот продолжува повторно во Вишиот Управен суд.

„Откако ги промаши сите рокови, во кои Еуромакс можеше да отпочне со работа, по нашата долготрајна борба, Владата конечно го одби нивното барање за работа, и им ја одзеде концесијата. Еуромакс вложи жалби и во меѓувреме започна обемна пиар кампања во медиумите, а се сомневаме и за друг вид кампања кај клучните функционери. Управниот суд и Вишиот управен суд почнаа да си играат пинг понг со предметите и само го одолговлекуваат процесот“, велат од еколошкото здружение „Зелена Котлина“ од Струмица, кое стои зад овој, како и зад многубројните претходни протести на локалното население против отворање на рудникот.

Протест против отворањето на рудник во струмичко / фото: Слободен печат/Југослава Дуковска

„Поранешниот претседател на Владата одамна кажа дека од девет обврски, концесионерот исполнил само две и дека никој нормален не може да им даде дозвола за работа. Сакавме на судиите да им порачаме дека знаеме каков притисок се врши врз нив, но дека бараме да се престане со префрлањето топка од еден суд во друг и да се донесе одлука врз база на правните аргументи и доказите, а со тоа конечно да заврши и нашата агонија“, изјави за „Слободен печат“ еден од организаторите, Костадин Ристоманов, екологист од „Здрава Котлина“.

Тој додава дека фирмите како „Еуромакс Рисорсис“ во други земји успевале, со помош на корупција, во намерата да отворат рудници онаму каде немало отпор од месното население, а потоа ги продавале на вистински рударски компании за многу поголеми пари. Онаму каде таков отпор се јавува, се закануваат со меѓународни судови и исплата на отштета, што значи дека за нив ваквите проекти секогаш се вин-вин ситуација“, вели Ристоманов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот