Струјата не е часовник
Нема логика да се плаќаат пет различни цени за истиот производ – електрична енергија, рече новиот претседател на Регулаторна комисија Ацо Ристов. Ако се чевли, палто, часовник, миксер, или што и да е друго – логика нема. Ама ако е струја – логика има.
Кој како дојде на власт ги руши мостовите зад себе, продава нови рецепти за стари проблеми и речиси секогаш прави некаква штета. По ова непишано правило, само што седна на столчето како претседател на Регулаторната комисија за енергетика, постапува и Ацо Ристов. Најави преиспитување на тарифниот модел за цени на електричната енергија, затоа што „нема логика да се плаќаат пет различни цени (четири тарифи и евтина струја н.з) за истиот производ – електрична енергија“. Ако се чевли, палто, часовник, миксер, или што и да е друго – логика нема. Ама ако е струја – логика има. Цената на електричната енергија што ја плаќаат граѓаните е регулирана. Таа во најголем дел зависи од цената што ќе ја понуди државната АД ЕСМ. Со оваа цена од државна компанија, јавна тајна е дека се купува и социјален мир.
Препорачано
ЕСМ се наоѓа во сѐ потешка финансиска состојба. Секако, тука не е проблем само цената по која ја продава струјата, има и многу други „глупости“ што систематски го уриваа претпријатието, а и РЕК Битола го отслужи своето. Но, тоа се други прашања…
Идејата за четири тарифни блока се реализираше во 2022 година, кога Регулаторната комисија за енергетика утврди дека 17 домаќинства потрошиле 10 проценти од вкупната потрошувачка на домаќинствата. Една од причините е загревање среде зима на огромни базени!
„Резервите на јаглен ни се при крај и тој јаглен кој го имаме е со екстремно лош квалитет, а електрична енергија мора да има. Друга опција не постои. Затоа испраќаме сигнал до домаќинствата да си ја намалат својата потрошувачка. Не е вообичаено 17 домаќинства да трошат 10 проценти од потребите на домаќинствата. Треба да има електрична енергија за сите. Секој може што сака да си прави дома и тоа не е проблем. Ние само кажуваме и испраќаме сигнал до домаќинствата дека доколку нерационално ја трошат електричната енергија ќе плаќаат повеќе“, изјави поранешниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Во 2025 година целокупната електрична енергија потребна за домаќинствата е обезбедена од АД ЕСМ. Но, ова не значи дека целото производство е од ЕСМ, и тоа кога не може да ги задоволи потребите на граѓаните купува струја, и тоа често поскапо отколку што ја продава согласно однапред склучениот договор со ЕВН хоум. ЕСМ e сопственик на РЕК Битола, РЕК Осломеј, најголемите хидроцентрали, ветерниот парк Богданци, но минатата година ја заврши со загуба од околу 100 милиони евра. Зар не е време да се запрашаме: Што правиме со домашната енергија под државна капа? Таа е најсигурен извор за снабдување. Оние кои се домашни ама приватни, кој може да ги натера да не извезуваат струја ако во одреден момент им е тоа поповолно?
Сепак, Ристов вели дека ќе се бара „поправичен модел“.
„Неправичност е што иста енергија се плаќа по различни цени. Оние коишто ја произведуваат енергијата, ја продаваат по иста цена, сè друго е социјална категорија којашто треба да се усогласува со државата. Ќе ги разгледаме искуствата од примената на тарифниот систем и ќе направиме анализа од која ќе зависи што ќе правиме во иднина“, изјави Ристов.
АД ЕСМ ја продава струјата на ЕВН Хоум по 65 евра за мегават-час, а на Унгарската берза априлскиот просек се движел околу 95 евра за мегават-час. Во 2025 година 86,26% од бруто потрошувачката на електрична енергија е обезбедена од домашно производство, додека 13,74% се обезбедени од увоз. Затоа, она кон што треба да се насочиме е домашното производство. И треба да се размислува за јакнење на државното домашно производство. Нема тоа да биде спротивно на пазарното општество. Еве, во Словенија, клучното производство на струја е во државни раце.
Блок-тарифите не се клучни за нашата енергетска стратегија, но може да бидат важни за џебот, особено на посиромашните. Затоа треба дебело да се размислува, а не да се настапува од позиција „дојдовме ние, ќе видите вие“. Ристов е дипломиран електроинженер како и неговиот претходник. Од него очекуваме знаење на дело и за добро на граѓаните. А енергетиката е широко поле – има кај да се докажува.


