Струите во ВМРО ДПМНЕ ја „горат“ или редефинираат партијата

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По нецелосното, реално, вистинско и длабинско реформирање на партијата, ВМРО-ДПМНЕ нема друг начин освен да се редефинира, во „Опозициска унија“, вели за Слободен печат реформаторот Петар Богојевски. Најавите за протести за оставка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги смета за несериозни и штетни за опозициското организирање и дејствување во земјата.

Во меѓувреме протестот кој го најави поранешниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев,  нема да се одржи поради коронавирусот. Комисијата за заразни болести на Јанчев му сугерирала дека собир од 1000 или 2000 граѓани може да биде нов кластер на заболени за кој директни виновници ќе бидат организаторите.

Јанчев за Слободен печат вели дека од морални причини ќе ја испочитуваат одлуката на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство но, дека заедно со дел од општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ преку видео прес конференции ќе бараат оставка од Мицкоски.

Инаку Јанчев е само еден од многуте поранешни видни членови на ВМРО-ДПМНЕ кои бараат оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Оставка бара и Иницијативниот одбор, но и реформското крило на ВМРО-ДПМНЕ. И лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошковски смета дека Мицоски треба да си оди од челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ и го повика Мицкоски на дебата.

-Можеби ќе останат изненадени членовите на ДПМНЕ зад кои сега се криеш, напиша Бошковски.
Според Бошковски, бесрамно и невистинито е тврдењето дека Мицкоски бил само про-боно советник на Груевски, во време кога тој со над 90 советнци трошел 1,73 милиони евра народни пари.

Според  политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, случувањата во ВМРО-ДПМНЕ се поради тоа што партијата го згрешила дискурсот и како национална и патриотска партија не може да се прилагоди на новите времиња и кај нас но и пошироко. Рамадани смета дека ова што сега се случува во ВМРО-ДПМНЕ е поради тоа што Мицкоски сеуште сака да ги одржува врските со Никола Груевски.

– Партијата има и едно раководство кое се одржува без прецизни политички ставови и деструктивни изјави. Дури и ако имаат алтернатива се добива впечаток дека ја кријат од јавноста. Треба да бидат појасни. Се гледа дека постапките на Мицкоски се под нечија директива, дека нема ништо свое. Кога една партија ги губи изборите и не успеа да формира влада нормално е да се појавуват внатрешни превирања. Таквите групации сепак сакаат едно победничко ВМРО-ДПМНЕ. Претпоставувам дека сепак ќе дојде до расцеп во ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе биде предизвикан, претпоставувам од групата што е врзана со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Така ќе може да дојде до унифицирање и на другите опции и групации. Најверојатно не му се пишува добро на Мицкоски без разлика што тој би рекол „јадниот се мачи да го сочува лидерското место. Мислам дека нема да му успее да го задржи до наредните избори, вели Рамадани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот