Стручњаците одговараат на најважните прашања: Што мора да знаете за мајмунските сипаници?

Фото: Профимедиа

Минатата недела беше забележано ненадејно зголемување на бројот на заразени лица со мајмунски сипаници, а потоа Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи оваа состојба како причина за меѓународна загриженост и се повикуваат сите да ги преземат неопходните чекори за да се спречи преносот на вирусот од човек на човек и за заштита на ранливите групи. Според податоците од минатата недела, идентификувани се 25.864 нови случаи надвор од Африка, вклучувајќи ги Австралија, Канада, Израел, Португалија, Шпанија, Америка и Англија

За разлика од ковид-19, мајмунските сипаници обично не се шират лесно меѓу луѓето, а за да се случи тоа потребен е близок контакт преку кој вирусот ќе влезе во телото преку исеченица на кожата (дури и кога таа не е видлива), респираторниот тракт или мукозни мембрани (очите, носот или устата), како и преку телесни течности или продолжен контакт со предмети контаминирани од истите (облека, постелнина, пешкири, итн.), вели во изјава за МИА специјалната претставничка на регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа во Северна Македонија, д-р Ане Јохансен.

Симптомите се најчесто лесни и се во форма на лезии кои можат многу да чешаат или да болат. Се јавува осип со меури на лицето, рацете, стапалата, очите, устата и/или гениталиите (во актуелнава епидемија најмногу се пријавени случаи на генитален и перианален осип), треска, отечени лимфни јазли, главоболки, болки во мускулите и ниско ниво на енергија. Сепак, вели Јохансен, мајмунските сипаници може да бидат тешко заболување, особено за децата, бремените жени и имунокомпромитираните лица.

Дали е во прашање нова болест?

Болеста е позната со децении, а вирусот првпат е идентификуван во Данска во 1958 година, кај лице што допатувало од Сингапур. Вакцината против големи сипаници може да пружи заштити од мајмунски сипаници, според д-р Мартин Хирш, професор по заразни болести во болницата во Бостон. Но, откако вакцинацијата против сипаници заврши во 1982 година, забележан е пораст на случаите на зараза со мајмунски сипаници во некои африкански земји, а во последниве години се зголеми бројот на случаи поврзани со преносот од луѓе или животни.

„Постојат два вида вируси на мајмунските сипаници, централноафриканска и западноафриканска. Овој што сега циркулира е западноафрикански и е многу поблаг и има многу пониска стапка на смртност. Кај централноафриканската варијанта се бележи и 10 отсто смртност, а кај западноафриканската е забележана смртност од 1 до 3 отсто (во Африка)“, објаснува прим. д-р Бернард Каиќ, раководител на службата за епидемиологија на заразни болести на Хрватскиот завод за јавно здравје и додава дека симптомите се појавуваат една до две недели по заразата, а тоа се зголемена температура, главоболка, болки во мускулите и замор, а понекогаш како симптом се појавува и болка во грлото. Во рок од неколку денови од почетокот на болеста, може да се појави и осип (кој може да изгледа драматично) и зголемени лимфни јазли што се болни. Осипот, исто така, може да биде болен на допир. Болеста може да се пренесе од човек на човек преку капки (близок контакт) и контакт со кожни промени што се јавуваат кај пациентот.

По што се разликува оваа ситуација?

Бидејќи вакцинацијата против големи сипаници е укината во 1980 година, се појавија нови случаи во 11 земји во Африка. Истото се случи и во Конго и Нигерија, каде што се потврдени приближно 130 нови случаи. Во 2003 година, мајмунски сипаници се забележани кај 47 луѓе.

Но, во оваа ситуација, се чини дека новите случаи се појавуваат многу побрзо во земјите низ светот, а се чини и дека многу пациенти не патувале на Запад од земјите од Централна и Западна Африка, а покрај тоа, се чини дека нема јасна врска помеѓу овие случаи, вели д-р Паритош Прасед, директор на Центарот за инфективни болести на Универзитетот Рочестер.
„Верувам дека не станува збор само за брзо ширење, можно е тоа да се случувало под радар некое време, а можно е симптомите да биле заменети со херпес, варичела или сифилис, а сето тоа може да предизвика лезии на телото“, вели д-р Прасед. Тој смета и дека е можно вирусот да се проширил во толкава мера затоа што во последните години неконтролирано се шири во Африка.

Кои се симптомите на мајмунски сипаници и како се шират?

Симптомите често ќе бидат во форма на температура, главоболка, болки во мускулите и грбот, исцрпеност, замор и отечени лимфни јазли. Симптомите обично се појавуваат 7 до 14 дена по изложувањето на вирусот.

Наскоро ќе се појави и осип, а често се појавува на лицето, дланките и стапалата. Лезиите може да се појават во мали концентрирани подрачја. Во моментов, лекарите забележале дека некои пациенти немаат други симптоми освен осип. Многумина ќе закрепнат по неколку недели, но за имунокомпромитирани луѓе тоа може да биде многу поопасно. Според студиите, на околу 13 отсто од пациентите од 528, им била потребна хоспитализација. Иако не станува збор за сексуално пренослив вирус, може да се пренесе преку контакт, вклучително и преку секс, а ако ја допрете облеката на лице што го има вирусот и на него има плунка или крв, лесно можете да го пренесете. Можно е да се шири преку капки.

Американскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека мајмунските сипаници можат да се пренесат на секого кој има близок контакт преку кожа или интимен контакт – орален, анален или вагинален секс или допирање на гениталиите на лице заболено со мајмунски сипаници. Понатаму преку прегрнување, масажа и бакнување, допирање на предмети како облека, пешкири, постелнина на лице заболено од овие сипаници, кои не се дезинфицирани.

Бремените жени можат да го пренесат вирусот на фетусот преку плацентата.

Лице заболено со мајмунски сипаници може да го шири вирусот од моментот додека не се појават симптомите, па се` додека осипот не се изгуби. Болеста трае од две до четири недели

Што ако мислите дека сте биле изложени на вирусот?

Во моментов, има многу заразени мажи што имале полов однос со мажи, а тоа е околу 98 отсто од случаите. Но, секој што е во близок контакт со заразено лице може да биде во ризичната група и важно е да се јавите на лекар ако сте загрижени и ако развиете некој од споменатите симптоми.

Дали постои вакцина против мајмунските сипаници?

Постои, а бидејќи тие се тесно поврзани со големите сипаници, двете вакцини избрани за големите сипаници може да се користат за луѓе што се во ризични групи.

Јохансен препорачува секој кој ќе забележи на себе невообичаен осип да се обрати кај својот матичен лекар. Што се однесува до лекарите, таа порачува дека секој пациент со суспектни мајмунски сипаници треба да биде испитан и изолиран за време на претпоставениот инфективен период на болеста (од моментот на првите симптоми), односно познатиот инфективен период (појавата на осип).

Комисијата за заразни болести притоа препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа изолација во домашни или во болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање, изолација на потврдени случаи во домашни или во болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите, како и секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот