Стотици нови компании се интересираат за скратената работна недела

Илустрација: Profimedia

Првичните заклучоци од експерименталното скратување на работната недела се дека за еден ден помалку може да се произведе исто, со натпросечно зголемена продуктивност

Многу британски компании се заинтересираа за воведување четиридневна работна недела откако искуствата од ексцентричните пилот-проекти во земјата потврдија дека скратување еден работен ден може да ја зголеми продуктивноста.

Целта на експериментот беше да се најде решение за забавувањето на продуктивноста. Пред половина век, продуктивноста (економскиот производ на еден работен час) во Британија се зголемуваше просечно по 2 отсто годишно, што се рефлектираше со стабилно зголемување на животниот стандард. Но, финансиската криза што ја погоди Европа во втората деценија од овој век го спушти растот на продуктивноста под 1 отсто, а Банката на Англија проценува дека ќе биде низок до крајот на оваа деценија, главно како последица на раздружувањето од Европската Унија.

Првичните заклучоци од експерименталното скратување на работната недела се дека за еден ден помалку може да се произведе исто, со натпросечно зголемена продуктивност.

-Сите се посветија на својата работа од понеделник до четврток за да можат да бидат слободни во петок. Лесно беше да се задржи енергичноста, која воопшто не стивна – вели Лили Елис, директорка на производство во малата британска компанија за козметика „Фајв сквирелс“, која од лани во јуни била опфатена со експерименталниот проект.

Сопственикот Гери Конрој раскажува за Ројтерс дека 15-темина вработени работеле „како верверички“ и дека прогласиле четиричасовни периоди во кои ги игнорираат сите пораки во електронските сандачиња и комуникации на социјалните платформи и воопшто не се јавуваат на телефонските повици.

Покрај „Петте верверички“, уште 60 мали компании со по помалку од 25 вработени беа опфатени со проектот. Охрабрени од резултатите, дури 56 компании од вкупно 61, продолжиле со четиридневни работни недели и откако завршил експерименталниот период. Повеќето сопственици велат дека продуктивноста била иста или била зголемена, а вработените се среќни дека работат еден ден помалку за иста плата. Некои компании биле принудени да додадат по неколку работни часа во четирите дена, но други успеале да ја задржат продуктивноста со по осум часа помалку во неделата.

Организаторите, Кампањата 4 дена неделно и истражувачката група „Аутономи“ наведуваат дека за втората сезона од експериментот, која ќе почне на 12 јуни, се пријавиле стотици компании.

Искуствата од првата сезона покажуваат дека покрај задржувањето на продуктивноста, фирмите од експериментот пријавиле и дека ги зголемиле инвестициите. Тоа исто така е важно во Обединетото Кралство, кое во 2021 година според инвестиции беше на последното место меѓу седумте најразвиени економии во светот.
Компанијата за козметика, на пример, купила нови машини што им овозможиле да ја прошират понудата и уште повеќе да го зголемат производството.
Јан-Емануел де Неве, професор по економија на Универзитетот Оксфорд, вели дека се претерани проекциите дека четиридневната работна недела може да ја зголеми продуктивноста за 20 отсто, но е убеден дека и пореалниот пораст од 10 отсто е значителен, бидејќи во исто време може да придонесе за благосостојбата и среќата на вработените.

– Поминаа речиси 100 години откако е воведена петдневната работна недела. Сега е вистинското време да размислуваме за следните чекори – вели Де Неве.

За револуционерен чекор пред еден век се сметаше и одлуката на Хенри Форд да воведе петдневна работна недела за вработените во фабриките за автомобили. Стандардите што тој ги постави во 1926 година речиси и да не се променети. Голем пресврт направи пандемијата на ковид-19, кога многу компании ја воведоа можноста за работа од дома. Откако мерките за изолација беа укинати, повеќето од нив, сепак, бараат од вработените да доаѓаат во фабриките и во канцелариите.

-Повеќето се наклонети кон статус-кво. Работодавачите се воздржуваат да прифатат нешто ново – објаснува британскиот економист Џонатан Бојс.

И други земји веќе спроведуваат слични проекти. Шпанските власти издвоија 10 милиони евра за да поддржат мали производствени капацитети што ќе прифатат во следните две години да ги намалат работните часови за барем 10 отсто, а да им ја задржат платата на работниците.

Гигантот „Јунилевер“, кој има 127.000 вработени во погоните низ светот, спроведе 18-месечен експеримент со четиридневна работна недела. Проектот почна со 80 работници во Нов Зеланд, а беше проширен со уште 500 во Австралија. Регионалниот директор Ник Бангс објаснува дека јасното издвојување приоритети и укинувањето на непотребните состаноци придонесло за да се задржи продуктивноста. Производството во Нов Зеланд се зголемило, а работниците биле поенергични и помалку се жалеле на стрес. Отсуствата од работа се намалиле за 34 отсто.

Ник Саут од консултантската група „Бостон“ смета дека четиридневната работна недела може да им послужи како адут на малите фирми да привлечат квалитетни работници во средини во кои на пазарот на труд нема многу работна сила.

-На големите компании ќе им биде многу потешко да го прифатат овој проект, што на малите и на средните компании им нуди предност за да се надградат со поквалитетни работници. Едниот слободен ден повеќе може да биде пресуден за колебливите – вели Саут. Агенцијата за вработување „Рид“ тврди дека во текот на оваа година е зголемен бројот на фирми што нудат работни места со четиридневна работна недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот