СТОРИЈА Живот во шелтер центар: Наместо како жртва, се чувствував како криминалец

Семејно насилство
Илустрација: Семејно насилство / Фото: МИА

Избегав од дома за да си го спасам животот и завршив во шелтер центар каде што се чувствував како криминалец, а не како жртва. Немав пристап до телефон, ниту до интернет, бев под постојан видео надзор, а шелтер центарот не смеев да го напуштам. Вака ја почнува приказната за својата тажна животна судбина нашата соговорничка која сакаше да остане анонимна.

– Шелтер центрите се единствена опција кога животот во брак станува пекол и ризичен по живот, а немате каде на друго место да се спасите. Жртвите честопати се несигурни, немаат самодоверба, ниту пари. На работ се да се премислат и да се вратат кај насилникот, а условите во шелтер центрите тоа го поттикнуваат. Таму имав храна и хигиенски средства, но „паднав“ психички. Се чувствував како затвореник. Деновите бавно минуваа. На почетокот имаше телевизор, потоа се расипа. Многу тешко ги поминав првите шест месеци во тој шелтер центар, раскажува нашата соговорничка.

Додека била таму, барала да излезе да го посети татко ѝ во болница кој боледувал од карцином, но тоа не и било овозможено. Објаснувањето било дека не смее да го напушти домот за нејзина сигурност.

– Зарем ние кои сме жртви, сме биле тепани и психички малтретирани, треба да запреме со животот, да се плашиме да излеземе на улица додека насилникот удобно си живее во заедничкиот дом во кој и жените придонесуваат колку и мажите? Јас сум образована, седум години работев како стоматолошка сестра, се што заработував вложував во семејниот дом кој морав да го напуштам за да живеам како затвореник, вели жртвата на семејно насилство, која е и мајка на две деца од 1,5 и 3,5 години.

Токму децата биле причина што нејзиниот татко не сакал да ја прими назад во домот од кој заминала за да се омажи.

– Ми рече, јас те испратив без деца, ќе те примам назад ама без деца, децата не ти ги сакам. Јас сум мајка, како можам да ги оставам децата? Затоа се уште издржувам и живеам во шелтер центар. Но сега ми е подобро, ме преместија во друг дом каде што ги имам сите услови, децата почнав да ги носам во градинка, можам слободно да се шетам. Ако успеам да најдам работа, ќе се спасам од овој живот, вели оваа несреќна жена.

Друга наша соговорничка во шелтер центар поминала само три месеци. И таа сега е самохрана мајка на седумгодишно девојче.

– Не сакав да одам во шелтер центар. Знаев дека не е лесно, но тоа ми беше последната опција. Неколку пати заминував од заедничкиот дом и повторно се враќав. Бев револтирана зошто јас да морам да си одам. Зарем не треба насилникот да биде отстранет од домот. Каква е таа правда да треба една мајка со мало дете да излезе од дома без да знае во што се впушта и каде ќе заврши? Сепак, бев решителна. Знаев дека е привремено, и дека е подобро отколку секој ден да трпам ќотек, вели уште една од жените со кои разговараше „Слободен печат“.

Барајќи спас од насилникот, жртвите влегуваат во целосно непознат терен, кој е невозможно да се напушти пред да помине периодот кој го одредил Центарот за социјални дејности. Во шелтер центрите не е дозволена употреба на мобилни телефони, ниту пак други средства за комуникација, со цел да се оневозможи контакт на жртвата со надворешниот свет. Тоа е првиот удар кој го добиваат жените, кои и така се веќе истрауматизирани, но дополнителен проблем претставува фактот што со нив не смеат да ги земат своите деца ако се машки и имаат наполнето 14 години.

Савка Тодоровска претседателката на Сојузот на жени на Македонија, вели дека свеста кај жените е променета, и сега за разлика од порано, се помалку жени бараат да бидат сместени во шелтер центар.

– Тие се свесни дека имаат право на домот во кој живеат. Дури и да не е купен со заеднички средства, дури и да е наследство на мажот, ако тој е насилник, жената бара со полиција да биде отстранет од домот. Тоа што жените се освестија на некој начин и сфатија дека не мораат истепани и со децата во рака да бегаат од дома, особено ме радува. Сега останува да почне да се применуваат измените во Законот за семејно насилство кои предвидуваат насилникот да се отрани од домот, по пријава на жртвата, вели Тодоровска.

Од националанта мрежа против насилство врз жени и семејно насилство велат дека полицијата има можност да му предложи на судот да изрече мерка отстранување на сторителот од домот, без оглед на сопственоста.

– Кога се постапува во случај на семејно насилство, полицијата има можност да му предложи на судот да изрече мерка отстранување на сторителот од домот, без оглед на сопственоста, и забрана за приближување до домот, но она што најчесто се случува во пракса е сторителот да биде оставен во домот, а жртвата да биде таа што е принудена да го напушти, велат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Во Македонија функционираат  11 специјализирани сервиси за згрижување на жртви на семејно насилство во 6 плански региони и тоа три во Скопскиот регион, еден во Југозападниот, два во Источниот, два во Вардарскиот, еден во Југоисточниот  и два во Пелагонискиот регион.

Министерството за труд и социјална политика има отворено осум специјализирани сервиси за згрижување на жртви на семејно насилство, од кои два Кризни центри во  Прилеп и Штип, (во нив сместувањето на жртвите е од 24 до 72 часа, кога постои сознание за сериозна реална закана по животот и здравјето на жртва на семејно насилство). Останатите Регионални центри за лица жртви на семејно насилство се наоѓаат во Скопје, Велес, Кочани, Свети Николе, Битола и Охрид и Струмица. Во нив жртвите можат да бидат згрижени најмалку 3 месеци со можност за продолжување до 1 година. Во Скопје функционираат и Кризниот центар „Надеж“ и Центрите за лица жртви на семејно насилство, во организација на Жените на Град Скопје. Во сите овие центри можат да се сместат вкупно 103 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот