Столтенберг вечерва стигна во Србија, следна станица С. Македонија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пристигна во официјална посета на Србија, а на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ го пречека вицепремиерот и министер за одбрана Милош Вучевиќ.
Столтенберг утре ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а потоа ќе одржи заедничка прес-конференција.
Во рамки на посетата на Србија, Столтенберг ќе се сретне и со премиерката Ана Брнабиќ.
Утре во попладневните часови од Србија Столтенберг ќе стигне во С. Македонија на средби во земјава со македонскиот државен врв, а предвидено е потоа да се обрати и во македонското собрание. Во среда пак, предвидено е македонскиот премиер Ковачевски и Столтенберг да се сретнат со лидерите на четирите земји-членки на НАТО од регионот, Црна Гора, Албанија, Хрватска и Словенија, по што предвидена е и заедничка прес-конференција.
МВР информира дека утре и задутре, поради пристигнувањето на поголем број на странски делегации, ќе има посебен сообраќаен режим на поширокото градско подрачје во Скопје.
„Во вторник и среда (21 и 22 ноември), Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото градско подрачје. За таа цел Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците“, известуваат од МВР.