Стојановски пред мечот со Маџари: Сега ќе се види квалитетот на најдобрите екипи
Кошаркарите на Пелистер се максимално фокусирани и мотивирани за претстојните предизвици почнувајќи од саботниот дуел со Маџари од 18.00 часот.
Препорачано
„Зелено-белите“ како третопласирани влегуваат во доигрувањето и дополнителните пет рунди во пресрет на плејофот, со јасна цел да забележат што повеќе триумфи и со победнички менталитет да влезат во плејофот.
Маџари е тим против кого битолчани забележаа две победи во регуларниот дел од сезоната, но репрезентативецот Лука Стојановски е свесен дека задачата на саботниот дуел нема да биде нималку лесна.
– Маџари е одлична млада екипа што игра брза кошарка. Имаме две победи против нив, но тоа не значи ништо, секој дуел е приказна сама за себе и мора да се одигра максимално ако се сака да се стигне до триумф. Можам да кажам дека во следниот период ќе се види квалитетот на најдобрите шест екипи во мак-баскетот, во директните пресметки за влез во полуфиналето. Според мене клучен ќе биде пристапот, мораме да играме зрело, но и да бидеме подеднакво фокусирани во текот на сите 40 минути. Следните средби ни се шанса за да се вратиме во победнички ритам, шанса што не смееме да ја пропуштиме – вели Стојановски во пресрет на дуелот со Маџари.
Во другите закажани мечеви в сабота, од 13.00 часот ТФТ Скопје ќе го пречека Тиквеш, додека МЗТ Скопје Аеродром е домаќин на Кожув од 14.00 часот.


