Стандардот паѓа, граѓаните на принуден пост
Перо Колевски, директор на најголемата свињарска фарма „Агрија“, е дециден дека и преработувачите треба да многу повеќе да купуваат домашно месо за производство на салами.
Големи количества непродадено свинско месо има низ домашните месарници, а производителите се децидни дека пандемијата го сторила своето, стандардот е намален и граѓаните купуваат месо на грамови. Неофицијалните бројки говорат дека продажбата е намалена и до 50 отсто, но и покрај тоа, месецов, цените на свинското месо, но и на преработките се зголемија за најмалку десетина проценти.
Препорачано
– Во моментот на пазарот има големи количества непродадено свинско месо, а потрошувачката е драстично намалена. Секако, вака е секое лето, но овој пат е многу поизразено. Со години чекаме ЕУ да ни одобри статус на земја во која нема свинска чума и ако ни се овозможи извоз, тоа ќе биде голем поттик за нас, бидејќи нудиме проверен и контролиран квалитет, што се вели од зрно до преработка – вели за „Слободен печат“, Перо Колевски, генерален директор на најголемата свињарска фарма „Агрија“.
Тој вели дека домашните фарми имаат доволно месо не само за домашниот пазар туку и за извоз. Според него, домашните преработувачи треба многу повеќе да купуваат месо од дома за производство на сувомесни производи.
– Преработувачите треба да се свесни дека во Македонија има одлична суровинска база со беспрекорен квалитет. Постојано сме во клинч со нив и се убедуваме дека можеби набавуваат поевтино месо за салами од европските земји, но треба да се земе предвид времето кога ова месо е замрзнато и увезено во државата. Ако сакаме да го заштитиме домашниот производител, тогаш треба да му овозможиме да работи под исти услови, а не со дампинг цени – додава Колевски.
Првиот дозволен извоз на македонско месо на европските пазари ќе биде одлична вест за домашните фармери.
– Ако добиеме можност за извоз на пазарите во ЕУ, може да се појави дефицит и повисоки цени. Пазарот во Македонија е мал, но нашите фарми се можеби на повисоко техничко и биосигурносно ниво од европските, па затоа ќе нудиме екстра квалитет на пребирливите европски купувачи – изјави неодамна за „Слободен печат“, Гоце Трајчев, управител на МИК Свети Николе.
Во Европската Унија се очекува намалување на производството на месо, а според предвидувањата, ова најмногу ќе се почувствува кај производството на свинско и пилешко месо. Наспроти овој тренд, во ЕУ има намалување на откупните цени, што претставува сериозна финансиска закана за европските сточари. Имено, во декември 2020 година, цената на живите свињи, се намали за загрижувачки 36 проценти во споредба со истиот период во претходната година.
Македонија доби виза за извоз на овчо и козјо месо во ЕУ
Официјалниот статус дека во земјава нема чума кај овците и кози, конечно ќе им овозможи на домашните фармери на европските пазари, да извезуваат не само на месо од овци и кози туку и живи животни и нивни производи.
– Добивањето на сертификатот за слободна земја од болеста чума, по препораките од Научната комисија за болести кај животните и Светското собрание на делегати на ОИЕ, за Република Северна Македонија претставува основа за полесен пристап до меѓународните и отворање нови пазари, но и мотив за уште поголемо унапредување на овчарството и козарството во земјава – соопшти Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство.


