ССМ: Минималната плата треба да биде најмалку 60 отсто од просечната

Фото: Архија/ Слободен печат

Нова промена на минималната плата според законската регулатива треба да има има со априлската плата, а усогласувањето ќе зависи од просечната плата, трошоците на живот и од растот на БДП.

Сојузот на синдикатите на Македонија останува на својот став дека минималната плата во Македонија треба да изнесува најмалку 60 отсто од просечната плата во државата. Работодавачите во трудоинтензивните гранки, пак, тврдат дека работат на работ на исплатливоста. ММФ предупредува дека платите не го следат растот на продуктивноста, а економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ открива еден нов агол тврдејќи дека профитабилноста на македонските компании е најголема во Европа.

Од ССМ велат дека и од Европската конфедерација на синдикатите (ЕКС) сметаат дека прагот на ризик од сиромаштија е 60 отсто од просечната плата.

Од декември минималната плата во Македонија е 14.500 денари, а според последните статистички податоци објавени за просечната плата за ноември, таа изнесувала 25.757 денари, или според предлогот на нашите и на европските синдикалци, минималната плата за ноември би требало да биде 15.472 денари. Но, ако се земе предвид дека во декември имаше поголемо зголемување на платите како резултат на мерката за субвенционирање на придонеси за зголемените плати, можно е да се очекува Државниот завод за статистика да регистрира раст на просечната плата од декември, што според препораките на синдикалците би требало да значи уште поголема минимална плата.

Според нашиот Закон за минимални плати, таа не се утврдува како процент од просечната плата во државата. Со законските измени од минатата година, минималната плата паушално се зголеми од 12.500 денари на 14.500 денари. Според тие последни законски измени, минималната плата ќе се менува секој април и нејзината промена ќе зависи: една третина од порастот на просечно исплатената плата во државата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто-домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Европската конфедерација на синдикати објави дека и земјите-членки имаат проблем со висината на минималната плата, односно во десет земји-членки, законски утврдената минимална плата е 50 отсто или помалку од просечната плата во земјата. Европската комисија во моментов го води процесот на консултации со цел на работниците да им се обезбедат фер минимални плати, а ЕКС притиска да нема помала минимална плата од 60 отсто од просечната. Во екот на тој процес, заменик-генералниот секретар на ЕКС Естер Линч порача дека целата поента на минималната плата е да се идентификува линијата за поделба помеѓу достоинството и сиромаштијата.

– Фактот дека повеќето законски утврдени минимални плати во Европската Унија се свесно поставени под линијата на сиромаштијата, е скандалозно. Ако некој работи со полно работно време, тогаш не треба да се присилува да избере дали ќе се грее или ќе јаде – изјави Линч.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот