Плакат за книжевниот настан во „Спона“

Српското издание на романот „Вештица“ на Венко Андоновски е во фокусот на книжевна средба во „Спона“

Во Српскиот културно-информативен центар „Спона“ (Бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 30, Скопје) на 13 март, со почеток во 19 часот, ќе се одржи книжевна вечер со Венко Андоновски, посветена на српското издание на неговиот култен роман „Вештица“, објавено минатата година. Ова е веќе трето издание на романот во превод на српски јазик. Првите две изданија беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана Јовиќ-Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Република Србија. Издавач е „Кораци“ од Крагуевац, а преводот е на Љиља Цревар.

На настанот, со свои видувања за романот „Вештица“, ќе се вклучат и истакнатите српски писатели и критичари Мирко Демиќ и Владимир Б. Периќ, уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Кораци“, којшто е и автор на поговорот на српското издание објавено во 2024 година, а свои излагања ќе имаат и претставници на издавачките куќи.

Во рамки на средбата ќе се оствари и разговор со Андоновски, во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.

За француското издание на романот, славниот автор Милан Кундера, откако го спореди Андоновски со Херман Брох и со Карлос Фуентес, романот го нарече „премногу модерен“, т.е. роман од третата историска епоха во развојот на романот. Во него, авторот не само што ги опишува околината и животот на главниот лик, туку успева да го опфати и недофатливото. Според него, станува збор за мајсторски полифонично дело во кое изненадува разноликоста на наративните техники при што „Вештица“ е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа.

Како што оцени и Георги Старделов, нема слично дело во историјата на книжевноста што толку жестоко ја насликало жестината на измачувањето на човекот. „Вештица“ е роман без „фабричка“ грешка, како што своевремено оцени Петре М. Андреевски. Тој и напомена дека оваа книга со ист восхит може да се чита на сите меридијани – Венко Андоновски во овој роман ги урива сите стереотипи, воздигнувајќи се до највисоките врвови на романсиерската уметност, како што оцени и Старделов.

На оваа книжевна вечер, јавноста ќе може да има појасен увид и во одгласите и толкувањата за овој роман од српската книжевна фела. За „Вештица“, во 2012 година, Андоновски ја доби и регионалната јужнословенска награда „Кочиќево перо“.

Со овој настан, Српскиот културно-информативен центар „Спона“ почнува нов циклус средби и работилници со наслов „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, а во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот