Србија може да го скрати школскиот час на само 30 минути – децата за подолго немаат концентрација
Српските власти ја разгледуваат можноста школските часови да се скратат за една третина и да траат само 30 минути. Министерот за образование Дејан Вук Станковиќ вели дека се разгледува идејата за скратување на училишниот час бидејќи денешните деца се соочуваат со т.н. „феномен на дифузно внимание“, поради што не можат да се сконцентрираат и да ги следат часовите цели 45 минути, пренесува „НоваС“.
Препорачано
„Во моментов, попрецизно и гласно размислуваме за таа идеја. Мислам дека постои некаков вид психолошко оправдување. Под влијание на новата технологија се појавува феномен на дифузно внимание. Не можете да бидете фокусирани на еден предмет, туку едноставно многу лесно преминувате од една содржина на друга“, рече Станковиќ.
Тој додаде дека кај децата се создава ефект да не можат да останат фокусирани 45 минути, што пак е максималното време за концентрација на зрели луѓе.
„Слушаме разни аргументи за и против. После тоа доаѓа практичниот дел, што подразбира институционална реорганизација на распоредот на часовите, распределба на наставен кадар и можеби прием на нови луѓе, бидејќи ќе има повеќе часови. Сите промени во образованието мора да бидат рационални“, додаде министерот.
Исто така, Владата на Србија го разгледува и предлогот за делумна или целосна забрана за телефоните во училиштата, по урнек на неколку светски земји кои таква забрана почнаа да спроведуваат годинава.


