Спектакуларно новогодишно шоу во Дубаи се одржа со оркестрации и аранжмани на Џијан Емин
Под магичната купола на Ал Васл Плаза во Експо Сити Дубаи, на крајот од декември 2025 година, се одржало спектакуларното новогодишно празнично шоу „Carols by Candlelight“, еден од најочекуваните празнични културни настани во официјалната програма на Експо Сити. Во рамки на проектот биле реализирани десет изведби, кои на посетителите од сите возрасти им донеле радост, топлина и празнична магија.
Препорачано
Настанот се одвивал на уникатната локација Ал Васл Плаза, каде публиката била опкружена со импресивни 360-степени божиќни проекции, сценски ефекти и внимателно осмислена визуелна нарација. Мултимедијалниот спектакл бил збогатен со празнично пеење, танцови точки и живописни сценски појавувања, вклучувајќи и изненадувачки настапи на Дедо Мраз и Госпоѓа Клаус, што дополнително ја засилило празничната атмосфера, особено кај најмладите посетители.
На сцената настапил Симфонискиот оркестар „Фирдаус“ од Дубаи, под диригентската палка на Харут Фазлиан, заедно со вокални солисти, училишни и детски хорови, танчерска група и ансамбл од музичари, кои заеднички создале впечатливо концертно искуство со интерпретации на познати празнични и новогодишни композиции.
Аранжманите и оркестрациите за концертот ги потпишува македонскиот композитор и аранжер Џијан Емин, чиј авторски пристап ѝ даде нова звучна димензија и симфониска длабочина на традиционалната празнична музика.
– Оваа соработка со Експо Сити Дубаи не е прва. Пред две години работев на истиот проект, кој тогаш беше снимен со оркестар составен од македонски музичари. Оваа година, целиот настан се одвиваше во живо, со голем симфониски оркестар. Ова е уште еден плод на долгогодишната соработка со продуцентот Мет Феди, кој живее и работи во Дубаи – изјави Емин.
Продуцентот Мет Феди, пред преселбата во Дубаи, има богато меѓународно искуство и работел со музички имиња од светски калибар, како Ени Ленокс, Стинг, „Суперграс“, како и со бројни други интернационално реномирани артисти, што на проектот „Carols by Candlelight“ му дава дополнителна уметничка и продукциска тежина.
Со ова трето по ред издание на „Carols by Candlelight“, Експо Сити Дубаи ја потврди својата позиција како водечка платформа за врвни културни и мултимедијални настани, а учеството и креативниот придонес на Џијан Емин претставуваат значаен меѓународен успех и афирмација на македонската музичка сцена на светската културна мапа.


