Спасовски: Против дивеењето по улиците со строги санкции, без селективност

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека еден од врвните приоритети на МВР во претстојниот мандат ќе биде поставувањето камери по улиците за да се стави крај на дивеењето и брзото возење.

Тој не прецизира кога ќе биде заокружен целиот процес, но нагласува дека реализацијата на проектот е во тек.

Според Спасовски, системот на снимање со камери при евентуално направен прекршок, ќе значи неселективност и транспарентност при казнувањето, а секој што нема да ги почитува сообраќајните правила и прописи ќе сноси одговорност.

-Веќе пристапивме кон реализација на планот за поставување на камерите чија инсталација е една од врвните цели во овој мандатен период. Најпрво треба да поминат сите постапки од аспект на набавки и склучување договори, но тоа е приоритет број еден и се работи паралелно со сите други активности. Камерите што сега ги има во Скопје, Куманово и Тетово не се такви за да се постапува во сообраќајот. Се работи за посебен, современ систем што ќе се надгради и ќе ја опфати цела држава. Со него, ќе ги исклучиме човечките субјетивности на кои сме научени со години наназад. Системот ќе овозможи неселективност и транспарентност. Секој што нема да ги почитува сообраќакните правила и прописи ќе сноси одговорност, рече Спасовски во интервју за Канал 5.

Тој информира и дека почна опремувањето со т.н. боди камери на полициските службеници во Скопје и Тетово. Со такви камери веќе се работи во автопатската полиција.

-Кога има камера која целосно го забележува настанот, многу поинаку се однесуваат и полициските службеници и граѓаните. Процесот за подигнување на свеста треба да почнува од најмала возраст, преку образованието и воспитувањето на децата, истакна Спасовски, уште еднаш најавувајќи строги санкции, без селективност.

Намерата на МВР, потенцира, е преку воспоставување ваков систем, сите да бидат еднакви пред законите.

Според министерот, безбедноста во сообраќајот, за жал, е еден од најголемите проблеми кој зависи од сите нас, граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот