Советот на Амбасадори го честита отворањето на преговори за членство на нашата земја со ЕУ

Советот смета дека тоа е заслуга пред сé на граѓаните на Северна Македонија, на досегашните влади и парламенти, на државните институции, на невладините организации и медиумите.

Здружението за надворешна и меѓународна политика „Совет на Амбасадори„ упатува честитики до граѓаните на Република Северна Македонија за Одлуката на Советот на Европската Унија-Совет за Општи Работи, за отворање на преговорите за членство на нашата земја со Европската Унија.

Советот, како што се наведува во нивното соопштение, смета дека тоа е заслуга пред сé на граѓаните на Северна Македонија, на досегашните влади и парламенти, на државните институции, на невладините организации и медиумите кои, како што велат, дадоа малку или повеќе голем придонес во исполнување на критериумите и условите за членство во ЕУ.

– Советот на амбасадори сепак ги издвојува значајните и одлучувачки чекори преземени од последната коалициска влада во чиј мандат беа потпишани билатералните договори со соседните земји со кои се отвори патот кон евроатлантските асоцијации. Советот изразува оправдана надеж дека и Самитот на претседателите на држави или влади ќе ја потврди донесената Одлука. Во блискиот период кој следи со уважување на актуелната состојба со пандемијата со коронавирусот, Советот очекува натамошни позитивни чекори околу одредување датум за старт на преговорите, додаваат во соопштението.

Оттаму велат дека Советот на амбасадори изразува надеж дека во прва пригодна прилика Европската комисија и покрај донесените ЕУ регулативи со кои одредени производи кои потекнуваат од земјите членки на ЕУ, како што се медицинските материјали и средства за лична заштита кои подлежат на експортна авторизација, Комисијата ќе најде начин и форма, земјава да ја исклучат од експортна авторизација и да се овозможи увоз на медицински материјали со цел нашата земја во овие чувствителни моменти да се бори против коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот