Почнува судењето за пожарот во „Пулс“ / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Сопственикот на објектот каде што беше „Пулс“ бил во болница – рочиштето се одложува

Сопственикот на објектот каде што беше дискотеката „Пулс“ каде се случи страшниот пожар кој зеде 64 жртви, Гроздан Милковски, бил на лекување во болница во Кочани, па утрешното рочиште на кое требаше да продолжи судењето за кочанската трагедија се одложува, соопшти Кривичниот суд.

Судијката што го води предметот, Диана Груевска – Илиевска, контактирала со докторите што го лекувале и според нивните проценки тој ќе може да присуствува на следното закажано рочиште на 25 февруари.

-Во текот на денешниот ден, претседателот на Судечкиот совет, кој постапува по предметот, изврши телефонски контакти со докторите што се задолжени за неговото лекување кои го известија дека обвинетиот не е во состојба да присуствува на оваа главна расправа, но уверуваат дека неговата здравствена состојба ќе се подобри и тој ќе може да продолжи да ја следи главната расправа. Поради економичност на постапката не би се предизвикале дополнителни трошоци. Претседателот на советот за одлагањето на расправата ги извести сите бранителите, полномошниците на оштетените, законските застапници на оштетените, сведоците, надлежните Казнено-поправни установи и надлежните полициски станици. Воедно странките се известени дека сите, веќе дадени последователни термини остануваат во сила – соопшти Судот.

Одбраната на Милковски и на минатото рочиште побара прекин на судењето бидејќи обвинетиот не се чувствувал добро. На ова бурно реагираа родителите на загинатите: „Сабајле ми ја откачија инфузијата за да дојдам на судењето, попладне се враќам во болница. Моето дете е во гроб, а овој човек кој ќутеше додека му ги полнеа џебовите, сега е неарен и бара прекин“.

Според обвинението, газдата на „Пулс“, заедно со Милковски, се товарат дека со години работеле во објект кој според Деталниот урбанистички план бил наменет исклучиво за „лесна индустрија“. Тие, без никакво одобрение, извршиле реконструкција и пренамена во дискотека. Обвинителството тврди дека притоа вградувале несоодветни и лесно запаливи материјали, како полиуретански сунѓер, кои го предизвикале брзото ширење на пожарот. Милковски тврдеше дека не знаел за реконструкцијата и дека не се чувствува виновен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот