Арон Фајперс и Дениз Ричардс / Фото: - / INSTAR Images / Profimedia

Сопругот на Дениз Ричардс доби забрана за приближување до 2030 година: „Насилно ме давеше, ми ја удираше главата од држачот за пешкири во бањата…“

Судот во петокот го одобри барањето на американската актерка Дениз Ричардс да ѝ се изрече забрана за приближување на нејзиниот отуѓен сопруг, Арон Фајперс. Како што објави „Фокс њуз дигитал“, забраната ќе трае до 7 ноември 2030 година, односно пет години. Ричардс побарала трајна заштита откако Фајперс наводно споделил приватни пораки и фотографии на ѕвездата од реалити серијата „Вистинските домаќинки“ (The Real Housewives) на интернет.

„Од моја перспектива, ова е класичен пример на семејно насилство. Јасно е дека не може да се земаат приватни материјали и да се пласираат јавно без последици. Не може да се тврди дека нејзиниот мир не е нарушен само затоа што имала страница на „ОнлиФанс“ или позирала за „Плејбој“. Тоа не е одбрана“, изјавил судијата при донесување на одлуката.

Актерката, позната по филмот „Диви страсти“ (Wild Things), во јули добила привремена забрана за приближување против Фајперс, само една недела по неговото барање за развод. Фајперс (53) во октомври беше уапсен поради обвиненија за насилство над сопругата во два одделни инциденти од 2017 и 2022 година, според документите до кои дошол „Фокс њуз дигитал“.

Новинарите на „Фокс њуз“ биле присутни во судницата кога Фајперс бил спроведен со лисици. Неколку часа подоцна, холистичкиот исцелител платил кауција од 200 илјади долари и бил пуштен на слобода. Следното рочиште е закажано за декември. Минатиот месец Ричардс сведочеше дека Фајперс се обидел да ѝ го уништи угледот и дека во еден момент објавил нејзини голи фотографии.

„Ова беше навистина тешко за моите ќерки, особено поради голите фотографии. Како мајка, се чувствував посрамена и понижена. Едната ќерка не можеше ни да оди во црква“, изјави Ричардс, која има две ќерки со поранешниот сопруг Чарли Шин и една со Фајперс.

Во јули актерката поднесе тужба тврдејќи дека Фајперс ѝ го украл лаптопот и „споделувал приватни информации, вклучувајќи и голи фотографии“. Судијката Никол Бершон му нареди на Фајперс да го врати уредот во рок од 48 часа. Тој поднесе барање за развод на 7 јули, наведувајќи „непомирливи разлики“ и барајќи брачна издршка од актерката. Десет дена подоцна, судот ѝ одобри привремена заштита на Ричардс.

„Во текот на нашата врска, Арон често ме давеше, ме удираше по лице и глава, ја удираше мојата глава од држач за пешкири, ми се закануваше дека ќе ме убие, ме туркаше со колено по грбот додека не го молев да престане… Ми предизвика најмалку три потреси на мозок“, навела Ричардс во документите поднесени на 16 јули.

На судењето, таа изнела бројни детали за физичко и емоционално злоставување. Се расплакала додека раскажувала за особено насилен инцидент во хотелот „Фор Сизонс“, кој се случил само неколку часа по нејзини естетски операции. Како одговор на фотографиите што тој ги објавил, Ричардс му испратила видео во кое го нарекува нарцис и детално ги опишува насилните настани.

„Ти беше последната личност за која мислев дека ќе ми го направи ова. Работите со Чарли беа лоши, но тој никогаш не удри под појас“, рекла Ричардс во видеото прикажано на суд.

Фајперс, од своја страна, побарал половина од приходите што актерката ги заработува преку ОнлиФанс, тврдејќи дека фотографиите се негови дела и дека приходот од 200.000 до 300.000 долари месечно треба да се дели. Исто така, рекол дека е без пари бидејќи Ричардс му го ограничила пристапот до заедничките сметки и опремата за неговата работа.

„Никогаш не сум ја злоставувал Дениз, ниту физички, ниту емоционално. Обвиненијата се целосно лажни и болни. Како и секој брак, имавме тешки моменти, но секое тврдење за насилство е неосновано“, изјави Фајперс за магазинот „Пипл“ во јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот