Собранието по низа одложувања го усвои Законот за легализација на дивоградби, реагираат еко здруженијата

По скратена постапка, Собранието на денешната седница го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Законот кој беше поддржан и од власта, но и од опозицијата, беше изгласан со 72 гласа „ЗА“ и 5 гласа „ПРОТИВ“, а пет пратеници беа воздржани.

Овој Закон предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во сила на овој закон, односно до осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“ и тој ќе важи до правосилно завршување на постапките кои се започнати согласно законот.

Од законот се исклучени дивоградбите во границите на Охридскиот регион каде има природното и културното наследство.

Законот вклучува гаражи, остави и базени, изградени без дозвола за градба. Дозволено ќе биде легализирање на дивоградби во национални паркови, природни резервати, споменици на природата и подрачје на заштитено недвижно културно наследство.

Oд О2 Иницијатива реагираат дека со ова слободно може да биде погребана правната држава.

– Можете слободно да ја погребате надежта за правна држава на овие простори.
Пратениците од различни партии, позиција и опозиција, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ГРОМ… денес си го изгласаа новиот закон за легализирање на секакви можни дивоградби. Со 72 здружни гласа ЗА, 3 воздржани и само 5 против (ДОМ, Сиљановска, другите не ни се познати).
Од хациенди, базени, доградби, надградби, гаражи, остави, во заштитени подрачја и вон нив, насекаде, онаму каде првиот закон застана, на 3.3.2011, сега сè ќе се легализира со новиов закон каде рокот е кога ќе стапи на сила. Значи има уште време да си доизградите на диво пред да поднесете барање да ви се легализира. Ова на предлог на ВМРО-ДПМНЕ се додаде и се усвои, инаку ќе беше за дивоградби изградени до 1.10.2019.
Со овој закон се запираат сите постапки за рушење на дивоградби и сите поврзани управни и судски постапки. Да, тоа значи и ако има кривични пријави, и тие се стопираат.
Пратениците од Комисијата за транспорт, врски и екологија, со исклучок на претеничката на ДОМ, само пред неколку дена усвоија и измена со која законов нема рок на важење од 7 години, туку ќе важи додека сите постапки не се завршат, колку и тоа долго да трае. Истовремено и на стариот закон, чија важност истече на 3.3.2021, му го тргнаа рокот на важење, па и тој е на сила до недоглед.
Инаку законов ниту беше ставен на ЕНЕР, ниту виде јавни расправи, ниту стручни мислења, ништо.
Под превез на демократија си поминува некакво криминално-клиентелистичко-феудално општество.
Закопајте ја секоја надеж дека има шанса за правна држава, стои во нивната објава на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот