Собранието не воведува посебни санкции против Русија: Ќе продолжи непостојната соработка со руската Дума

Та
Талат Џафери/ Фото: МИА

Спикерот Талат Џафери смета дека укинувањето на Парламентарната група е беспредметно, бидејќи и без тоа нема комуникација и соработка помеѓу нашето и Собранието на Руската Федерација.

Македонското Собрание најверојатно нема да ја суспендира Парламентарната група за соработка со руската Дума поради агресијата на Русија врз Украина. Такво барање до претседателот на Собранието Талат Џафери неодамна достави пратеникот од  Алтернатива, Скендер Реџепи. Џафери смета дека укинувањето на Парламентарната група е беспредметно, бидејќи и без тоа нема комуникација и соработка помеѓу нашето и Собранието на Руската Федерација.

Во дописот, пратеникот Реџепи бара Собранието да ја распушти Парламентарната група и привремено да ја суспендира соработката. Тој се повлече од позицијата член на Парламентарната групa и очекува тоа да го направат и другите членови.

Дали, сепак, соработката со руската Дума привремено, додека трае агресијата врз Украина, ќе биде под мраз, треба да пресече Комисијата за избори и именувања.

– Несоодветно е Собранието да ја укине Парламентарната група за соработка со руската Дума. Тоа не е во надлежност на пратеник туку на Комисијата за избори и именувања и ако предлогот на пратеникот се отвори, Комисијата ќе одлучува. Но, сметам дека не може да се воспостави таква практика. Настрана тоа што Парламентарната група досега немала никаква комуникација и соработка со руската Дума, па со самото тоа таа е во мирување. Собранието со големо мнозинство донесе Декларација со која ја осуди руската агресија врз Украина. Државата не ги раскинала дипломатските односи со Русија за да ја суспендираме соработка со Собранието на Русија – објасни Џафери на редовниот брифинг со новинарите.

Партиите и од власта и од опозицијата засега се воздржани дали ќе гласаaт за суспендирање на Парламентарната група. Иако ги прашавме и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, одговор добивме само од Алијанса за Албанците.

– Сите институционални и политички дејства во врска со Русија треба да бидат хармонизирани со нашите стратешки партнери САД и ЕУ – вели Xалил Снопче од Алијанса за Албанците.

Неофицијално, власта смета дека Собранието го искажало својот став преку Декларацијата со која ја осудило агресијата на Русија врз Украина.

Што се однесува, пак, за измените на Изборниот законик во врска со изборниот модел, претседателот на Собранието рече дека следува јавна расправа, а тоа е процедура што ќе трае подолго. Заклучокот од комисиската дебата треба наскоро да биде ставен на пленарна седница и ако пленумот потврди дека е потребна јавна дискусија, Комисијата за политички систем ќе треба предлог-законот да го објави во весник со повик до експерти, невладини, партии да достават свои мислења, сето тоа во рок од околу 30 дена. Потоа матичното работно тело треба да ги обработи тие укажувања, што значи дека не се работи за брз процес. Џафери информираше дека Законот е во редовна постапка, што значи дека Собранието прво треба да реши дали е прифатлив. Ако е, постапката продолжува, ако не е, тогаш се стопира целата процедура и истиот закон не може повторно да се достави во рок од 90 дена.

Претседателот на Собранието повтори дека секоја промена на изборниот систем мора да биде направена со општа согласност.

– Стојам на ставот дека треба да има консензус за тоа прашање, затоа што со консензус е донесен и Изборниот законик и изборниот модел во 2002 година – рече Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот