Со женска рака: Поезија од Долорес Атанасова – Лори

Поетесата Долорес Атанасова – Лори (Д.А. Лори) е добитничка на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година. Истовремено, Лори ја промовира и својата трета збирка поезија „Небо во кафез“, која ја објавува по збирките „Будење во трето лице еднина“ и „Со ветерот под рака“.  Објавуваме две песни од „Небо во кафез“ – „Човекот“ и „Капка по капка“.

Човекот

Се раѓа од студот на универзумот,
со топло срце,
носен од водите на светот.
Човекот
се раѓа од утробата на жена,
и го подава своето тело
на ударите на времето.
Човекот
го носи рувото на ѕверот,
што скоро го фрлило
од работ на животот
во студената бездна на смртта.
Човекот.
Сака, на своја штета.
Не сака, на своја штета.
Знае да крие и кога спие.
Човекот, таа чудна животинка…

Капка по капка

Го однесов своето прилично живо тело
под силен млаз жешка вода,
да го исперам тоа талогот
од смртта на други,
залепен на кожава,
да ми се отворат пориве,
за полесно да излезе
она гнасното од тегоба и жал…
Колку бесполезен ритуал.

Потоа чекав да истече и последната капка,
капка по капка, до целосна тишина,
и храбро зачекорив во студот отаде вратата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот