Со концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија завршува 46. „Скопско лето“
Овогодишното 46-то издание на фестивалот „Скопско лето“ свечено ќе се затвори со концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“, кој ќе се одржи на 30 јули, со почеток во 20:30 часот, во Сули ан.
Препорачано
Диригент на концертот ќе биде маестро Иван Еминовиќ, а на програмата се делата „Четири годишни времиња“ од А. Вивалди и од А. Пјацола.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ е основан пред повеќе од 35 години, како прв сегмент на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија во 1986 година. Составен е од студенти на Факултетот за музичка уметност од Скопје, но во него често може да се сретнат и млади музичари од други земји.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија со своето музицирање во сиот овој период се наметна како изведувачки состав со високо професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле значајни имиња од македонската музичка сцена: Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски – Ѓумар, Вања Николовски – Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Олег Кондратенко, но и познати странски диригенти како: Арилд Ремерајт, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и други. Оркестарот е добитник на многубројни национални награди и признанија.
Билетите се во продажба на karti.com.mk, а ќе се продаваат и на влезот на Сули ан, пред почетокот на настанот, известија од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.


