Со изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ креативниот придонес на жените архитекти е претставен во Берлин
Пред многубројна публика во галеријата „BHROX Bauhaus Reuse“ во Берлин, Германија, на 25 ноември беше отворена архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ на авторите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски.
Препорачано
Сместена на Ернст-Ројтер-Плац, галеријата е изградена од оригиналните фасадни елементи на историската зграда на Школата „Баухаус“ во Десау и претставува пионерски пример за трансформација на архитектонското наследство.
Покрај тоа што ја чува значајната историја на „Баухаус“, галеријата функционира како транс-дисциплинарна урбана лабораторија посветена на истражување на иднината на модернизмот, градежната култура и одржливоста. Таа активно ја ангажира јавноста преку работилници, изложби и партиципативни проекти, што ја прави активна културна платформа за преиспитување на тоа како архитектонското наследство може да ги обликува современите културни и еколошки практики.
Изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ ја заокружува програмата „Модерната еманципација“, која започна со одржувањето на фестивалот „Жените во архитектурата“ (WIA2025-Festival) во јуни 2025 година, и е во рамки на архитектонскиот фестивал „Триенале на Модерната“, кое по петти пат се одржува во градовите каде некогаш била сместена Школата „Баухаус“: Берлин, Десау и Вајмар.
Архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ е резултат на повеќегодишно истражување и го претставува креативниот придонес на жените архитекти во македонската архитектура, со цел да придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и културолошко вреднување на архитектонското наследство што го оставиле на идните генерации.
На изложбата во Берлин се претставени повеќе од 30 дела на избрани жени архитекти: Мимоза Несторова Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова Костиќ и Росанда Мичева.
Образувани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри во поранешна Југославија – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегувал директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по враќањето во Скопје и работата во бројни проектантски организации тие извршиле силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти.

Претставувањето на македонската архитектура во Берлин продолжи на 29 ноември, кога архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски имаа свое излагање на меѓународната конференција на тема „Прогресивно наследство“, што се одржува во рамките на „ЕТОМ – Европско триенале на модернизмот“ и „НЕБ – Нов европски Баухаус“. На конференцијата беа претставени различните практики на истражување на модернизмот како „прогресивно наследство“, во смисла на неговата важност во градењето на општествената кохезија и активната културна соработка, особено во Централна и Источна Европа.
Истражувањето „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ беше финансирано во 2021 година од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, а претходно беше јавно претставено во Музејот на Македонија во декември 2021 година, како и во Македонскиот културен центар во Њујорк во јули 2025 година.
Реализацијата на изложбата во Галеријата BHROX е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, компанијата „Рединг ОГ“ Скопје, Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје, Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и „Континео 2020“. Изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ во Берлин ќе биде отворена за јавноста до 14 декември 2025 година.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 309, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.11.2025)


