Со „итно копче“ до итна помош за стари и изнемоштени граѓани во Ѓорче Петров
Услугата „Итно копче“, наменета за лица над 65 години кои живеат сами, како и за други изнемоштени и болни лица од денеска ќе функционира и на територијата на општина Ѓорче Петров. Градоначалникот Александар Стојкоски, промовирајќи ја услугата која се спроведува во соработка со скопскиот Црвен крст, ќе им овозможи на корисниците да добијат ипомош со едноставно притискање на едно копче.
Препорачано
Со воведувањето на „Итно копче“, ние како општина ја зајакнуваме грижата за најранливите категории граѓани. Секој оној кој има потреба од помош ќе може да ја добие 24/7, со поддршка од обучени тимови. Оваа услуга за корисниците од Општина Ѓорче Петров ќе биде целосно бесплатна, бидејќи сите финансиски средства за нејзината реализација ги обезбедуваме ние, истакна градоначалникот Стојкоски.

Повозрасните граѓани ќе имаат можност да добијат итна поддршка во секој момент кога им е потребна, да бидат во контакт со стручни оператори, кои ќе им дадат насоки за понатамошно постапување, да добијат прва медицинска или психолошка помош, како и транспорт до соодветна здравствена установа и да имаат бесплатно техничко одржување на аларм-уредот.
Сите жители на Општина Ѓорче Петров кои живеат сами и имаат здравствени проблеми можат да се пријават за услугата на телефонскиот број 076 212 329.


