Д-р Афродита Стомнароска-Јованоски: Со ХПВ вирус најчесто се заразуваат младите сексуално активни луѓе

приватна архива

Ризични фактори се: рана сексуална активност, многубројни незаштитени сексуални контакти, идентифицирање на други инфекции пренесени по полов пат, венерични болести, гинеколошки патологии…

Human papiloma virus (човечки папилома вирус – претставува ДНК-вирус кој ги напаѓа епителните клетки на организмот, и доколку организмот е доволно здрав и со стабилен имунoлошки систем може ништо опасно да не последува долги години. Инфекција се развива при ослабување на имунитетот, преживеан стрес, а како клучен фактор може да бидат други остри или хронични заболувања, инфекции, пушењето, алкохолизмот итн.

Според статистиката, околу 80 отсто од населението се заразува со овој вирус, а кај 50 отсто се пројавува. Кај жените оваа патологија се набљудува многу почесто отколку кај мажите. Најчесто се заразени млади, сексуално активни индивидуи на возраст од 16-25 години. Две години по првиот сексуален контакт, околу 80 отсто од жените се заразуваат со ХПВ, при што станува збор за асимптоматска инфекција. Важна улога во распространувањето на инфекцијата играат ризичните фактори:

  • Рана сексуална активност, многубројни незаштитени сексуални контакти, идентифицирање на други инфекции пренесени по полов пат, венерични болести, гинеколошки патологии – вклучително активна ерозија на грлото на матката.
  • Послаб имунитет, коморбидитети, хронична авитаминоза, нарушување на метаболните процеси, нарушувања во цревната микрофлора.
  • Вертикална инфекција од мајка на новородено, крвопреливање, незаштитена обработка на рани на заразен човек.
  • Посетување на спа и други бањи, сауни, базени, неприменување на хигиенски правила.

Како настанува ХПВ

Вирусот навлегува во телото на различни начини, а првенствено се пренесува од човек на човек (најчесто по сексуален контакт). За пренесување на вирусот непходен е краток контакт на нивните лигавици, а за развивање на инфекцијата услов е постоењето на микро-пукнатини на епителот на лигавицата. Вирусот подобро се запазува во влажна и топла средина. Првичната инфекција настапува неосетно и асимптоматски поради својството на ХПВ да ги пројавува промените во површинските слоеви на кожата и лигавиците, не уништувајќи ги околните клеточни структури, не проникнувајќи во крвоносниот систем и без да предизвика долго време локален и општ имун одговор.

Видови на ХПВ

Генерално постојат околу 120 вида ХПВ, од кои само 70 се испитани. Тие се разделени на три категории:
1. ХПВ со не-онкоген карактер (1, 2, 3, 4, 5, 10, 27, 53, 54, 55, 62, 67) кои причинуваат брадавици по кожата (плоски, плантарни, вулгарни), генитални брадавици.
2. ХПВ – со низок онкоген ризик (6, 11, 42, 43, 44) кои причинуваат кондиломатоза на лигавиците (аногенитална, орофарингеална).
3. ХПВ – со висок онкоген ризик (16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56, 58, 59, 68) кои причинуваат дисплазија и рак на грлото на матката.

Симптоматика

Вирусот има долг латентен период, од заразувањето до појавата на првите симптоми може да поминат од три недели до повеќе од 20 години. Овој вирус е опасен за жените во репродуктивна возраст од 16-45 години, а поголемата опасност е во тоа што долг период протекува како асимптоматска инфекција. Симптомите се од индивидуален карактер и во повеќето случаи се пројавуваат дури кога инфекцијата со овој вирус е во сериозна етапа.

Поголемиот дел од видовите ХПВ причинуваат појава на бенингни брадавици – папиломи кои можат да бидат во различни делови на телото, со различна форма, големина и боја. Најчесто се набљудуваат во ано-гениталната област, како и на лицето, клепачите, грбот итн.

Треба да се назначи дека симптомите што можат да се појават при генитална ХПВ инфекција, пред сѐ, се неспецифични и можат да бидат:

  • Непријатен генитален дискомфорт и чешање во вагината и околу анусот, непријатна вагинална леукореа, болки по сексуален контакт, како и крваво бележење по сексуалниот контакт.
  • Зголемување на регионални лимфни јазли, најчесто не го забележуваат самите пациенти и е еден мошне доцен симптом.

При генитална ХПВ инфекција со високоризичен онкоген се набљудува следната последоветална етапност во развивањето на инфекција на грлото на матката:

1. Aсимптоматско откривање на вирусни честички – латентен период, чија продолжителност може да биде и со години.

2. Првични преканцерозни промени CIN I (цервикална интраепителиална неоплазија, лесна дисплазија), кога при отсуство на симптоми во анализата можат да се откријат признаци на клеточна атипија.

3. Изразени преканцерозни промени CIN II-III (средна и тешка дисплазија), кога има подлабоки атипични промени во епителот на грлото на матката и веројатноста за малигна дегенерација е доста висока.

4. Рак на грлото на матката со типични пројави – интраепителиален и инвазивен карцином.

Дисплазијата е преканцерозна состојба на грлото на матката, а дијагнозата е возможна само по цитолошка и хистолошка верификација.

При отсуство на надворешни пројави и симптоми, профилактичен гинеколошки преглед е потребно да се прави еднаш годишно, а по потреба и почесто.

ХПВ инфекција по време на бременост е ризичен фактор за компликации по време на бременоста и раѓањето, како што се хориоамнионит, ризик од предвремено породување, преодна инфекција со

ХПВ на новороденото, респираторна папиломатоза кај детето. Бременоста сама по себе е секогаш состојба на имуна супресија што е дополнителен ризичен фактор. Возможните начини за инфекција на плодот се трансплацентарен и вертикален по време на породувањето при што ризикот од заразување на плодот не зависи од начинот на породување – спонтано или со царски рез. Затоа, најдобро е да се исчистите од ХПВ инфекција пред забременување.

Дијагностиката за откривање на инфекција со ХПВ се извршува на неколку етапи:

1. Редовни гинеколошки прегледи

2.ПАП-тест за цитолошка анализа на епителот на грлото на матката

3. Колпоскопија – микроскопска инспекција на површината на грлото на матката, која го зголемува процентот на откривање на епителна атипија

4. Биопсија на грлото на матката и ендоцервиксот, при откривање на атипичен епител при колпоскопија и сомнителен резултат од ПАП-тест.

5. ХПВ типизација – го определува типот на ДНК на ХПВ

Третман на ХПВ инфекција

Лекувањето на ХПВ инфекција секогаш претставува индивидуално избрана терапевтска тактика, при што лекарот ги оценува видот и дејноста на инфекцијата, локацијата на патолошките огништа, ризикот од онкопатологија, состојбата на имунитетот, присуство и на пратечки сексуални инфекции. Најчесто се користи комплексна терапија која вклучува општи и локални терапевтски курсови на конзервативно лекување и оперативно отстранување на брадавици, папиломи, дисплазии на грлото на матката со хемиска или електрокоагулација, криодеструкција, радиотерапија или ласер. Изборот зависи од многу фактори, на пример од видот на брадавиците или кондиломите, дали се единични или мултипни, нивната големина, дали се наоѓаат врз кожата или лигавицата, исто така, дали се работи за лесна, средна или тешка дисплазија на епителот на грлото на матката.

За конзервативна терапија се зборува во случаите кога од вирусот предизвиканите новообразуванија се бенигни или при асимптоматско присуство на ХПВ. Неопходно е, исто така, да се установи состојбата на имунитетот и ако не е стабилна, да се препорачаат имуномодулатори. Се предлагаат антивирусни медикаменти, медикаменозни препарати врз основа на интерферон или такви кои ја стимулираат неговата продукција во организмот, витаминска терапија итн.

Најважен фактор во превенцијата на онколошките заболувања на женските полови органи е раното откривање на цервикална патологија со идентифицирање на видот на папилома-вирусната инфекција.

Единствен докажан и гарантиран метод за превенција на ХПВ инфекција е вакцинацијата со вакцина која содржи вирусоподобни честички симулирајќи онкогени ХПВ. По воведување на вакцината во организмот се стимулира образувањето на заштитни антитела кои претпазуваат инфекции со реални папиломавируси. Постојат повеќе поливалентни ХПВ вакцини. Оптимално е вакцинирањето да биде извршено пред почетокот на сексуалниот живот, а девојки и млади жени можат да бидат вакцинирани и до 26 години, но по добивање на негативен резултат од ХПВ-типизација. Заштитниот ефект на вакцината продолжува 7-10 години, а потоа е неопходно да се повтори процедурата. Треба да се знае дека вакцината не ја одложува потребата од секундарни превентивни гинеколошки прегледи и редовно земање на онкоцитологија ПАП-тест и колпоскопија.

Доктор Афродита Стомнароска-Јованоски, акушер-гинеколог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот