Собир на „Партизанска“ поради трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Со емотивна порака се огласи мајката на Фросина: Морам да сум силна за да има правда за моето чедо

Камелија Кулакова, мајката на Фросина која минатата недела смртно беше прегазена на „Партизанска“ се огласи на социјалните мрежи. Камелија порача дека мора да има правда за нејзината ќерка бидејќи „секој еден може да е следен“.

„Почитувани родители, млади луѓе-идни родители. Душава ми гори од болка, а срцето ми е распарчено, но морам да ви се обратам.

Сето ова популаризирање на нашата семејна трагедија е дотурање на сол на нашата рана која никогаш нема да се залечи.

Јас бев горда мајка. Пораснав три златни деца. Ги воспитував и учев да бидат добри личности. Добри, чесни и доблесни луѓе. Да си ја сакаат татковината. Да си ја почитуваат културата и традицијата. Да сочувствуваат. Да споделуваат радост и тага. Секогаш да се ставаат на другата страна пред да осудат и да ги разгледуваат нештата од сите страни пред секоја своја постапка.
Тоа е многу тешка задача. Особено во ова време- невреме.

И што се случи…

Соништата на Фросина беа и наши соништа.

И што се случи…

Огромна празнина, неподнослива болка, траорни слики кои постојано ти поминуваат пред очите и безброј зошто, зошто, зошто, зошто баш Фросина…..

И во еден момент си помислив…. можеше да е друго дете, син, ќерка, сестра, брат, љубена, Љубен, другар. Можеше друго
семејство да се распаѓа од болка. А болката не познава политика. Не знае за вера, раса, нација… Само едно, БОЛКА.

И тогаш си реков. Морам да сум силна. Морам да сум силна за да има правда за моето чедо и сите деца чии родители, браќа, сестри не ја дочекале правдата за нив.

И нема да се скршам.
Ќе одам до крај.
Ќе бидам мајка, татко, сестра, брат….

Меката, светла и моќна енергија на Фросина ме води и ми дава сила. И не само мене, на сите нас.

Заради тоа најискрено ве замолувам да не правите политика од оваа наша семејна трагедија.

Бескрајно сум благодарна на сите кои искрено сочувствуваат со нас.
Бескрајно сум благодарна на медиумите, на новинарите кои ми помогнаа некои работи да ми станат многу повеќе јасни.

Благодарам на сите политичари-ЛУЃЕ, кои застанаа на нашиот пат благодарам на народот кој не подржува, зошто, без притисокот на народот и медиумите патот на правдата немаше ни да започне.

Затоа сакам да ве прашам, па нели благодарноста е доблест и основно начело на секое општество, цивилизација, религија?“, напиша Камелија споделувајќи видео од своите ќерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот