Снимката со наставникот кој тепа дете била извадена од контекст?

Наставник тепа ученик во ОУ Панајот Гиновски во Бутел
Наставник тепа ученик во ОУ Панајот Гиновски во Бутел/ Фото: Скриншот, ТикТок

Снимката со наставникот од скопското основно училиште „Панајот Гиновски“ кој тепа седмоодделенец е потенцијално извадена од контекст. Според изјави на некои очевидци, она што се гледа на видеото е исечено, и ако се пушти до крај и со звук, наводно може да се види дека децата се смеат и дека станува збор за поинаква ситуација. Каква би можела да биде таа ситуација, ќе се знае најрано кога дисциплинската комисија ќе заврши со разговор со сите страни за да одлучи каква мерка ќе му одреди на наставникот.

-Процедурата се уште е во тек, дисциплинската комисија ги повика сите страни на разговор во вторник. Потребни се уште неколку разговори со класниот, детето, родителот, како и наставникот кој ќе учествува преку Зум бидејќи е на боледување. Апсолутно го осудувам насилството од било кој вид. Многумина велат дека снимката не е покажана до крај и е без глас, па не може да се види дека децата се смеат. Децата го сакаат наставникот, некои од нив велат дека тоа било игра и дека снимката не е до крај покажана. Но, ништо од ова не е официјално и прерано е да се носат заклучоци бидејќи истрагата е се уште во тек, а процедурите мора да се почитуваат, за „Слободен печат“ изјави директорката на училиштето, Камуран Реџа.

Јавноста се згрози по објавувањето на видеото минатиот викенд на социјалната мрежа „ТикТок“. На него се гледа како наставникот му удира шамар на стаписаниот ученик, а потоа го подигнува и треска од земја. Реџа случајот го пријавила во полиција уште вечерта, откако до неа стигнало видеото.

Јавното обвинителство поведе предистражна постапка, а случајот го истражија и од Државниот просветен инспекторат и изготвија записник.  По сопствена иницијатива за случајот предмет отвори и Народниот правобранител.

Пред да се случи немилиот настан немало жалби против наставникот, кој веќе 13 години предава англиски јазик во училиштето. Во моментов тој не оди на работа, а најавено е дека ќе биде заменет со друг наставник. Не е отпуштен, но нема да држи настава додека се чека одлуката на дисциплинската комисија, сочинета од наставници од училиштето, синдикатот и советот на родители. Со оглед на тоа дека се работи за поголема процедура, слична на судење во судница, се повикуваат и се разговара со детето, наставникот, родителот, очевидци и сите вмешани страни. Директорката нема право да учествува  во процедурата.

Настанот длабоко ја разбранува јавноста, а најостро го осудија и невладините организации.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот