СМУМ ветува врвни уметнички доживувања на „Златна лира 2024“

Програма на фестивалот „Златна лира 2024“

Осумнаесеттото издание на „Златна лира“, фестивал на музичките уметници на Македонија во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) ќе се одржи од 8 октомври до 3 ноември во Музејот на македонската борба во Скопје.

„Златна лира“ е манифестација со богата традиција, посветена на промоција на светското и на домашното исполнителство, но и творештво. Оваа година фестивалот ќе понуди десет исклучителни концерти со богат и разновиден репертоар.

Ќе бидат претставени дела од македонскиот камерен опус, заедно со композиции на светски автори, овозможувајќи совршен спој на локални и глобални музички традиции во врвни изведби на реномирани музички уметници.

Фестивалскиот подиум ќе ги пречека уметниците и камерните состави: Пијано трио (Татјана Петрушевска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано), Горан Начевски (баритон) и Николета Конти (пијано), Весна Ѓиновска Илкова (сопран) и Кристина Светиева (пијано), Дуо пијано Божиновска – Димовска, Лазар Соколов (саксофон) и Емилија Кабранова – Филипова (пијано), Елена Атанасовска Ивановска (пијано), Владимир Костов (виолина) и Цветанка Созовска (чембало), Трио „Аура“ (добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година) и Даница Стојанова (пијано).

На свеченото затворање на фестивалот на 3 ноември ќе биде врачена и наградата „Златна лира“ што СМУМ традиционално им ја доделува на музички уметници или ансамбли за врвни уметнички достигнувања во текот на изминатата година.

Во рамките на својата редовна концертна програма, фестивалот „Златна лира“ традиционално ќе им ја отстапи својата сцена и на младите уметници со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на концертната кариера. Ваквата можност да го претстават својот талент на професионалниот концертен подиум е особено значајна за младите музичари и нивниот понатамошен развој и напредок на уметничкиот пат.

СМУМ ја продолжува традиционалната соработка со меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува на годишно ниво во Охрид и опфаќа учесници во повеќе категории и дисциплини од целиот свет. Плод на таа соработка е наградата за најдобар учесник на натпреварот од Македонија која ја доделува токму здружението СМУМ, а се состои од организација на концерт во рамките на фестивалот „Златна лира“. Оваа година, можноста да настапат на фестивалскиот подиум ќе ја имаат младите музичари Иван Стојанов (пијано), Ана Кузмановска (виолина), Лина Николоска (виолина) и Антица Николоска (виолина). Фестивалот „Златна лира“ се реализира со поддршка на Министерството за култура. Влезот на сите концерти на програмата на фестивалот е слободен.

– Придружете ни се и оваа есен на незаборавно патување низ времето и звукот, заедно да го славиме најдоброто од македонското камерно исполнителство преку незаборавни музички изведби, кои ќе ја донесат магијата на камерната музика во срцето на Скопје. Од 8 октомври до 3 ноември, „Златна лира“ ветува врвни уметнички доживувања – истакнуваат од СМУМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 250, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.10.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот