Смртта на младата Иранка ја крена земјата на нозе: Жените гневни почнаа да ги палат хиџабите и да си ги сечат косите

Протест во Иран по смртта на младата Иранка/ Фото Paul Zinken / AFP / Profimedia

Полицијата во Иран ја уапси 22-годишната Махса Амини, наводно поради неправилно носење хиџаб, по што таа починала од срцев удар.

Очевидци на нејзиното апсење им рекле на новинарите дека Амини била претепана во полициското комбе додека ја носеле во притворот во Техеран.

Смртта на Амини предизвика негодување против полициската бруталност во земјата, а многу познати и истакнати жени од Иран на социјалните мрежи во знак на протест почнаа да ја сечат косата и да палат хиџаби.

„Од седумгодишна возраст, ако не ја покриеме косата, нема да можеме да одиме на училиште или да се вработиме. Доста ни е од овој родов режим на апартхејд“, објави на Твитер иранската новинарка и активистка Масих Алинеџад.

Иранското правосудство започна истрага за смртта на Амини. Лекарите констатирале дека е мртва на 16 септември, откако таа не покажала знаци на живот откако паднала во кома, пренесува Радио Слободна Европа.

Смртта на 22-годишна Иранка предизвика бурни реакции во земјата и на меѓународно ниво. Полицијата употреби солзавец за да го растера протестот кој се организираше во западен Иран по нејзиниот погреб, објави новинската агенција Фарс.

Полицијата објави и видео од полициската станица, на кое велат дека го покажува моментот кога Амини колабирала. Нејзините роднини велат дека таа претходно немала проблем со никакви срцеви заболувања. Мојган Амини, мајката на Махса, непосредно пред веста за смртта на нејзината ќерка изјави за РСЕ дека нејзиното семејство поднело пријава во полиција.

– Ќерка ми беше во совршено здравје пред апсењето – изјавила таа за Фард.

Нејзиното тело беше погребано во саботата наутро во нејзиниот роден град Сагез, 460 километри од Техеран во северозападната провинција Курдистан.

На протестот многу жени го соблекоа хиџабот и извикуваа: „Смрт за диктаторот“. Демонстрантите потоа се собраа пред канцеларијата на гувернерот, но се разотидоа кога безбедносните сили употребија солзавец, пренесува Фарс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот