СЛУЧАЈ „ТИТАНИК“: Наводните финансиери на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека не давале по илјада евра за партијата

Каролина Павловска од скопското село Петровец пред скоро време дознала дека таа наводно во 2011 година преку банка уплатила 60.000 денари за ВМРО-ДПМНЕ. Павловска при нејзиното денешно сведочење за случајот “Титаник” пред судечкиот совет воден од судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев, на прашање на обвинителката Лиле Стефанова, изјави дека никогаш не уплатила пари преку банка за ВМРО-ДПМНЕ и дека до пред скоро време не знаела дека имало уплатница на нејзино име со уплата од речиси илјада евра.

– Јас за Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ имам донирано 500 денари. Пари донираа и други лица, а собраните денари и беа дадени на благајничката од месниот комитет во Петровец. Според тоа што се сеќавам се собраа околу 50 до 60.000 денари. Кога дојдов со поканата од ОЈО за да бидам сведок во овој процес дознав дека има некаква уплатница на мое име според која јас сум уплатила 60.000 денари. Тоа не е вистина – рече сведокот Павловска.

Ивица Канзуров, исто така сведок на Обвинителството изјави дека во 2011 година бил невработен, никогаш не донирал пари за некоја партија, но не може да се сети како на уплатницата која ја има ОЈО како доказ дека уплатил 60.000 денари за ВМРО-ДПМНЕ има делумно податоци кои тој ги напишал.

Третиот сведок на обвинителството Игор Цветковски кажа дека одредена група од скопското село Огњанци каде тој живеел во 2011 година во кеш собрале пари кои му ги дале на лице од партијата, а тврдеше дека никогаш не уплатил 60.000 денари преку банка за партијата ВМРО-ДПМНЕ.

За случајот „Титаник“, за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања обвинети се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот