Фото: mia.mk

Слово на владиката Партениј во спомен на Свети Климент Охридски

Да се говори и пишува за славниот Охридски Чудотворец, Рамноапостолниот Просветител Свети Климент, е големо, но и смело дело, зашто тоа бара од нас внимателно да се задлабочиме во неговиот свет живот и да се нурнеме во неизмерните длабини на неговото богословие. Сепак, ние кои се чувствуваме како чеда, макар недостојни, на овој свет првопастир, се радуваме на честа што Бог ни ја довери и топло му благодариме што нѐ удостои со нашите мали зборови. Охридскиот незаоден светилник да го пофалиме и неговото големо дело торжествено да го објавиме, стои во словото на владиката Партениј во спомен на Свети Климент Охридски.

Се додава дека светиклиментовата Дремвицко-Величка епархија достоинствено ги постави темелите на Охридската Архиепископија, а самиот Свети Климент како епископ, духовниот живот на своето стадо го зацврстил, будно бдеејќи над човечките души и премудро поучувајќи го свештенството и монаштвото христоподобно да живее.

– Како прв словенски владика, се погрижил и словенската богослужба на нашите простори да ја сотвори, а како просветител неуморно ревнувал и Универзитет во Охридската столица да отвори и во него повеќе од 3.500 ученици во вистинската наука Божја да упати. Заради славните му дела и безбројните чуда и Архиепископ го нарекувале, иако по чин тој не бил тоа, но по дела би можел и Патријарх сенароден да се наречен. Работејќи неуморно на Христовата нива, Свети Климент бесловесниот славјански народ го просветил, го образувал и го облагородил. Затоа тој, од неговиот животописец, блажениот Теофилакт Охридски, се наведува во словото.

Се посочува дека затоа во свештеното предание на Охридската Архиепископија, култот на Свети Климент бил длабоко негуван и со љубов од поколение на поколение пренесуван. Ете, се нагласува, зошто денес нашата Црква неговиот свет спомен така торжествено го слави, како патрон, духовен татко и небесен покровител на нашиот благочестив род.

– Бигорското Светилиште, пак, чиишто врски со Охридската Архиепископија, од самото нејзино основање, па сѐ до денес се нераскинливи и оваа година со љубов го прослави споменот на возљубениот архипастир Св. Климент Чудотворец. Овој чудесен нов апостол на љубовта Христова и денес штедро го испрати својот татковски благослов, преку евахаристиското свештенослужение на нашиот светителољубив старец и игумен, Епископот г. Партениј, кој има особена почит кон делото на овој Охридски светилник, нарекувајќи го: „новозаветен Аврам на множеството славјанско”, „патријархот сесловенски”, „праотецот наш кој роди духовни синови и ќерки повеќе отколку што има ѕвезди на небесниот свод”, „нов Мојсеј кој го преведе нашиот народ од пустината на идолопоклонството кон ветената земја на богопознанието”, „Претеча на Христовата слава среде Славјаните, додаваат од Бигорскиот манастир.

Од таму веруваат дека по „неговите молитви, Бог ќе го сочува православниот род наш и нема да дозволи Светиклиментовиот посев некогаш да свене”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот