Слободен печат открива СКАНДАЛ: Ракавици наменети за Клиника за нефрологија, „Баце“ ги шитка по мали бизниси

Дали некој ги краде и ги изнесува од државната Клиника за нефрологија или од медицинските депоа, ракавиците што треба да завршат на рацете на медицинските работници што оперираат и прегледуваат пациенти? Како цели пакети со по 10 пакувања од медицински ракавици марка ,,Мај гард”, нестерилни, со пудра, завршиле на продажба и во ситни дуќанчиња и бизниси во Кисела Вода?

Медицински ракавици MyGuard

Откако доби дојава дека ваквите ракавици во количини од цели пакети биле нудени по мали бизниси, „Слободен печат“ се јави на Клиниката за нефрологија да ги прашаме дали знаат дека нивните ракавици се продаваат на вработени во продавнички, а приказната и самите ја проверивме, на начин што се јавивме „да си нарачаме“ од ракавиците. Се разбира, ова го направивме со цел да добиеме што поголем број информации „од прва рака“, од самиот „доставувач“ кој претходно одел од маркет во маркет во Кисела Вода и им ги нудел на вработените во мали бизниси заштитните ракавици на кои е залепена етикета на Клиника за нефрологија. Доставувачот се претставува како „Баце“. Како овие ракавици завршиле надвор од клиничкиот комплекс за кој биле првично наменети или од депо во кое биле складирани? Од Клиниката велат дека ќе проверат, а ќе биде вклучена и полицијата.

Доставувачот во телефонскиот разговор беше дециден – фискална сметка или фактура за количината нема да добиеме, зашто, како што рече, ,,како му ги даваат, така ги продава”, а ги добива „од магацин“.

Случајот ни го дојавија купувачи на ракавиците, кои по примамливата понуда за 1.000 пара латекс ракавици за 3.000 денари, пари што ги платиле на рака, отишле дома и на кутијата ја забележале налепницата од Клиниката за нефрологија. Тука ситуацијата им станала сомнителна. Нашите извори велат дека досега, тие или нивни познаници, купиле барем 10 пакети.

Ракавиците, според купувачите што не контактираа, се спакувани во пакети, а во секој пакет има 10 кутии. Тоа е, ако се купат на ангро. Токму на пакетот на кој има лого ,,Мај гард”, латекс ракавици за преглед, е втисната и етикета, со бар код, и адреса на првичниот примател – Јавна здравствена установа Клиника за нефрологија, Скопје, улица Водњанска број 17. Во квадратчето на кутијата каде се наведени големините на ракавиците, пишува дека оние што ги купиле во Кисела Вода, купиле големина L, нешто што и на доставувачот му било многу важно при испораката. Имено, и нам ни рече, дека ако нарачаме помала големина ракавици, ќе може да ни обезбеди три пакети од по 10 кутии, а ако се големина L, тогаш ќе може да ни обезбеди само една кутија.

– Се работи за L и M бели ракавици, кутија ви е 3.000 денари од 1.000 комада. Кутија од 100 е 300 денари. Индиски се. Работава не е на фактура, ценава е за во кеш. Без документи. Од кај што ми ги даваат така ми ги даваат и така бараат луѓето. Ако ви одговара барајте ме пак, ако не, никому ништо – ни рече интригантниот „Баце“ во краткиот телефонски разговор.

Од оние што купиле од ракавиците, дознавме дека кога доаѓаат во индивидуална кутија, на нив не е испишано името на ЈЗУ Клиника за нефрологија. Ама, кога си нарачале цел пакет, од 10 помали кутии, каков што ни беше понуден и нам за 3.000 денари, на пакетот дошла и налепницата од Клиника за нефрологија, бројот на требувањето, два бар кода.

Од фотографиите со индивидуални пакувања, може да се види дека станува збор за ракавици за еднократна употреба, произведени во Индонезија, а носител на решението за промет е Европа Лек Фарма ДООЕЛ. Датумот на решението за промет е од 25 септември 2018 година.

На Клиниката за нефрологија викнале полиција да утврди што се случува, a телефонскиот број на „Баце“ што како контакт се шири за ,,набавка”на ракавиците, знаат кому му припаѓа. Повеќе детали се очекуваат по завршувањето на истрагата.

Инаку, отпаѓа можноста ракавиците да биле стари и со истечен рок на важност, па затоа да завршиле на пазарот на мало. Дури и кога некоја медицинска опрема е застарена, таа по посебна процедура се „отпишува“ со попис, пријава во Малмед итн.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот