„Слободен печат“ открива што пишува во упатството на кинеската вакцина – кој не смее да ја прими и колку трае имунитетот
Имунизацијата во Македонија против ковид 19 ќе почне со вакцината од кинескиот производител „Синофарм“ и тоа со двесте илјади дози наменети за населението во земјава. Според упатството од производителот до кое дојде „Слободен печат“, со оваа вакцина не би требало да се вакцинираат бремени жени, помлади од 18 години, секој со алергии на вакцини во некој период од животот, лица со неконтролирани хронични состојби како неконтролиран дијабетес или висок крвен притисок, неконтролирана астма.
Препорачано
Сите хронични состојби мора да се контролирани. Се препорачува сите лекови кои ги земаат граѓаните да ги донесат и да им ги покажат на лекарите пред вакцинација. Сите пациенти кои што се долгорочно на стероиди и имуносупресанти, како и оние што имаат ХИВ/ Сида, или канцер, може да ја примат вакцината, но нејзината ефикасност ќе биде помала, пишува во упатството објавено на веб страницата на Министерството за здравство на Сејшелите.
– Вакцината на Синофарм има висок коефициент на ефикасност и ја има поминато третата фаза на клиничките испитувања во Кина. Истата се аплицира во две дози со разлика од 28 дена. Сите вакцини кои треба да пристигнат доаѓаат со упатство за употреба од страна на производителот по кое ќе се водат здравствените работници при апликација на истите, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.
„Синофарм“ спровела истражување во три фази, за тоа колку долго вакцините ќе обезбедуваат имунитет. Резултатите покажуваат дека барем 6 месеци по апликацијата на вакцината, во телото постојат високи нивоа на антитела.
На официјалната веб страница на производителот пишува дека откако ,,ќе се боцнете” треба да останете половина час во просторијата, зашто било кои несакани ефекти, доколку се појават, најчесто се појавуваат во тие триесет минути. Упатството за вакцината, според директорот на „Синофарм“ Лиу Јунгцен наведува дека со неа може да се вакцинираат само лицата повозрасни од 18 години.
Веднаш по вакцинацијата може да се вратите на извршување на своите работни задачи. Дури и по вакцинацијата мора да се продолжи со следење на заштитните мерки против коронавирусот како носење маска, одржување дистанца. Потребни се барем две недели по втората примена доза, за да се постигне комплетна заштита од коронавирусот, наведува производителот. Луѓето кои имаат симптоми на коронавирусот треба да почекаат барем две недели по оздравувањето.


