„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ОТКРИВА: Катица на одмор, а кој „шефува“ со СЈО?

Катица Јанева е на редовен летен одмор. Каде летува Јанева засега од СЈО не откриваат, иако во јавноста се рашири веста дека таа и нејзиниот син се видени на Халкидики во Грција.

Додека таа е на одмор има замена. Нејзината замена ги нема законските овластувања што произлегуваат од Законот за СЈО кои ги има Јанева, како потпишување документи, барања за истраги или финансиски исплати, туку има само административни, односно одржување на работната „кондиција“ во обвинителството, велат од Специјалното јавно обвинителство за „Слободен печат“.

Јанева е во првата група на летувалци. Во иста група со Јанева е и нејзината колешка и заменичка Ленче Ристовска. Штом Јанева или Ристоска се вратат на работа, на летен одмор ќе замине и втората група која ја предводи заменичката на обвинителката Бети Јосифовска, која додека Ристоска и Јанева се на одмор „проформа“ раководи со работните активности во СЈО.

Летниот одмор на Катица Јанева уследи во многу напнат и чувствителен период не само за неа туку и за сите вработени во СЈО. Сè започна на 15 јуни кога по налог на Јавното обвинителство во аферата „Рекет“ беше апсен, а за брзо време и притворен Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Истата вечер, додека тој беше испрашуван од судија на претходна постапка, по наредба на ОЈО, беше одземен мобилниот телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за вештачење. Еден ден по настанот, токму Јанева од субспецијалист од нејзината родна Гевгелија доби седумдневно боледување од стресот што го преживеала.

Во тој период ниту нејзините колеги од СЈО не можеа да стапат во контакт со неа. Како што изминуваа деновите на тајност, под опасност беа доведени низа адаминистративни документи, обвинителски барања или наредби, како и платите на сите вработени во СЈО, бидејќи според Законот за ова обвинителство, само шефицата на СЈО – во случајот Катица Јанева, има овластување да потпише каков било документ кој ќе излезе од СЈО.

Откако сите медиуми трагаа по Јанева, а во меѓувреме се крена голема врева каде е таа, сосема ненајавено, после седум дена боледување таа дојде во Скопје и одржа прес-конференција на која кажа дека не ја злоупотребила функцијата, тврдејќи дека нема ништо со обвинетите од аферата „Рекет“. Не мина ни недела, Јанева одлучи да замине на летен одмор. Договорот за одморите, како што дознаваме, бил договорен „џентлменски“, односно да има две групи кои ќе користат летен одмор, за да нема застој во тековната работа, дознава „Слободен печат“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот