Сликарско „Велигденско празнување“ на Елизабета Костова во „Ко-Ра“

Дело на Елизабета Костова

Во галеријата „Ко-Ра“ е поставена изложбата „Велигденско празнување“ на Елизабета Костова. Изложбата ја отвори кураторот при Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, историчарката на уметност Виолета Калиќ, а ова е седма самостојна изложба на Костова.

Изложбата е посветена на чествувањето на големиот христијански празник Велигден, како и досегашните изложби, кои биле посветени и биле дел од најразлични празнувања, по најразлични поводи.

– Низ сликарската визура на Елизабета Костова ни е презентирана една кревка суптилност, една поетика која провева во сите нејзини дела. Тие во себе носат непретенциозност од сферата на интимизмот, едноставно како оттргнати од еден миг, кој воедно обединува и носталгичност и меланхолија и свеченост на празнувањето. Амбиентот и амбиенталноста со сите тие вткаени сегменти и елементи метафорично побудуваат разнородни асоцијации, ја пренесуваат не само атмосферата, туку и амбиенталноста на тоа празнично славење, прославување или исчекување на големите празници, каде се навраќаме со сето битие, не само на она што во мигот го чувствуваме, туку и сето она што поимот празник го носи како феномен – истакнува историчарката на уметност Виолета Калиќ.

Сликарството на Елизабета Костова е нежно, етерично, грацилно, каква што е, всушност, и нејзината уметничка личност. Во нејзиното сликарство се среќаваат нежни, грациозни женски ликови, како што е и таа самата.

Дело на Елизабета Костова

Во нејзините слики жената како мајка, како заштитничка на огништето, домот и семејството, го држи пред себе садот со велигденски јајца, како симбол на животот, на зародишот, на изворот на животот, што е воедно и самата таа. Нежно одбраните пастелни тонови будат кревкост, суптилност на изразот, интимност на домот и семејството, и будат најпрефинети естетски чувства, извести Светлана Вељановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот