Скулптури на Петар Хаџи Бошков се сместени помеѓу античкото и модерното доба

Поставката вклучува 40-ина дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков / Фотографија: Денис Сарагиновски

Голема изложба со дела од Петар Хаџи Бошков со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ на 18 септември ќе биде отворена на античкиот локалитет Стоби и ќе може да се посети до 11 октомври.

Поставката на изложбата „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на македонскиот скулптор Петар Хаџи Бошков, кои опфаќаат четиридецениски период (1962 – 2004) од овој значаен уметник, чие творештво е вградено во темелите на современиот културен идентитет на земјава.

Куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски. Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ. Иницијативата за проектот е на Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско и се реализира во рамките на долгорочната проектна програма „Стоби – жив град“, а со идеја да се заживее локалитетот и да се овозможи отворање на нови перспективи во дијалогот со модерното наследство, како и со современата културна продукција.

Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков, ќе бидат позајмени и директно од ателјето ќе бидат пренесени на локалитетот Стоби.

– Изложбата со дела на Петар Хаџи Бошков е голем предизвик за нас. Имаме за цел да го приближиме стариот заштитен свет кон модерното доба. Археолошкиот локалитет Стоби е релативно нова институција во рамки на културата на РСМ и тоа е предност на локалитетот, бидејќи, иако археологијата, конзервацијата и заштитата се примарни дејности во Стоби имаме можност да пробиваме нови простори и времиња за да го приближиме овој стар заштитен со закон свет кон современото доба – изјави Спасе Перовски, директор на НУ Стоби, на прес-конференција одржана во Музејот на современата уметност во Скопје.

Кураторот Владимир Јанчевски и Спасе Перовски, директор на НУ Стоби, ја најавија изложбата со дела од Петар Хаџи Бошков

За важноста на оваа поставка, кураторот Владимир Јанчевски истакна дека проектот претставува обид за компаративна анализа на сличностите и разликите помеѓу античкото и модерното наследство, за културните континуитети и дисконтинуитети, за значењето на делата на Хаџи Бошков, но и генерално за улогата на културата и уметноста во развојот на општеството.

– Со тој спој на овие два света можеме да ги погледнеме на еден компаративен и некомпетитивен начин. Редок случај е во опусот на еден модерен скулптор на специфичен начин да се проткајуваат класични вредности, не како видлива форма, туку како ликовни принципи. Со оваа поставка сакаме да го преиспитаме нашиот однос кон модерното наследство, наспроти односот кон културно наследство, кое опфаќа повеќе епохи. Правиме обид на несекојдневен спој, со цел да се отворат прашања, кои можеби не би се отвориле во затворените галериски простори.

Постои една важна линија во опусот на Хаџи Бошков, а тоа е неговиот однос со отворениот простор и амбиентот. Многу од неговите скулптури се лоцирани на несекојдневни позиции, преку кои, авторот сакал да акцентира на кој начин тие коегзистираат со средината. Интимно верувам дека е тоа недоостварена желба на авторот и со оваа изложба во негова чест правиме обид да му го овозможиме тоа со еден постхумен омаж – објасни Владимир Јанчевски.

Синот на Петар, Игор Хаџи Бошков, кој беше присутен на прес-конференцијата, откри дека скулптурите на неговиот татко се инспирирани од античката култура, а особено од грчката античка култура, така што изложбата е некој вид синтеза, омаж, враќање на изворот на неговата идеја како скулптор.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот