Скриениот хорор на македонското здравство (1 дел): Извинете госпоѓо, не било тумор – сме ви заборавиле газа во телото по царскиот рез!

Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Државните болници во земјава им плаќаат илјадници евра отштета на пациентите на кои им заборавиле газа во телото при операција, или, пак, не ги ни погледнале во чекалницата на Ургентен центар иако итно морале на операција, а во спротивно им се заканувал траен инвалидитет. Овие трансакции се закопани во судските архиви на граѓанските судови и мора рачно да се бараат, една по една.

Скриените болнички трагедии откриваат душевна болка и страдање кај семејствата што морале да ги ексхумираат своите починати членови од семејството за да докажат со обдукција дека им била направена лекарска грешка во болница и дека затоа починале. Парите за нематеријалната претрпена штета, за стравот и стресот, не се одлеваат од џебовите на лекарот што згрешил, туку од контото на клиниките. Клиниките потоа си ги наплаќаат од осигурителните компании лекарските грешки, професионалната одговорност на лекарите и пропустите во организацијата.

Истражувањето на „Слободен печат“ открива дека болниците се заштитени од пациентските наплати за лекарските грешки или за фаличните болнички услуги, така што купуваат полиси во осигурителни компании, кои им покриваат различни суми или барем дел од отштетните побарувања за разлутените и оштетени пациенти или, пак, на семејствата што неповратно ги загубиле најблиските.

Документите покажуваат дека за таа намена се склучувани договори меѓу клиниките и осигурителните фирми преку годишните јавни набавки, слично како што се набавувало и осигурување од пожар или реагенси.

Тешко на оние пациенти што решиле својата нагрденост предизвикана од лоши интервенции, душевна болка, страв, материјална загуба и сронато здравје да ги наплатат во судовите. Таму се ангажирани најеминентните адвокати, а болниците гребат со нокти да докажат дека грешката не била направена, дури и кога таа експлицитно се гледа на рендген снимка во форма на заборавена газа во оперативното поле.

Судењата траат со години и бараат психолошка кондиција, зашто станува збор за луѓе што освен своето здравје, понекогаш – загубиле и член од семејството. Некои од трагедиите што реално се случуваат во македонските болници се куриозитет во медицината и за нив жртвите се благодарни што се живи.

Госпоѓо, не било тумор, сме ви заборавиле газа во стомакот по царскиот рез!

Јули не почна добро за општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар. Исплатија 1 милион и 200 илјади денари на пациентка што година и половина, без да знае, во телото носела заборавена газа по изведениот царски рез во болницата. На жената ѝ требаа 8 години да ја наплати оваа медицинска катастрофа и да ги земе парите за нематеријална штета и повреда на личните права.

Пациентката Р.А., бремена по вторпат, на 14 септември 2015 година отишла во гостиварската болница на царски рез. Породувањето се одвивало уредно, без компликации за мајката и детето, родила здраво дете, а три дена по породувањето била испишана во добра општа состојба.

Но, проблемите почнале по породувањето. Не било вообичаено што постојано имала силни болки во долниот дел од стомакот, висока телесна температура и малаксаност поради што неколкупати била на преглед кај гинекологот што ја породил. Била третирана само со инјекции во мускулот и инфузии и така болките привремено се смирувале, па пак почнувале и траеле неверојатни 18 месеци, колку што без знаење на жената, газата била во нејзиниот организам.

Ургентен хируршки центар / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Година и половина по царскиот рез, на 1 февруари 2017 година, била примена на болничко лекување за сосема друга причина, но во истата болница на одделението за инфективни заболувања поради гнојна ангина и малаксаност. Тука ја примила тешката вест – дека на десниот јајник има овална формација со дијаметар 104 милиметри.

За попрецизна верификација отишла во Скопје, на Клиниката за гинекологија и акушерство каде што било констатирано дека има болна осетливост во долниот десен дел од стомакот до папокот и „туморозна формација во пределот околу десниот јајник“. Соочена со тоа што сметала дека е сериозна дијагноза за тумор, пациентката веднаш имала операција на Клиниката за дигестивна хирургија и таму – чудо!

Во текот на операцијата се утврдило дека туморозната формација во стомачната празнина е всушност медицински материјал – хируршка газа и истата била извадена во целост. Пациентката била испишана во добра општа состојба, а како резултат на направената лекарска грешка, претрпела страв, физички и психички болки, намалена животна активност и душевни болки поради нагрденост.

Судот досудил еден милион и двесте илјади денари отштета за неа, но пресудата стигнала осум години подоцна. Таа од породувањето во 2015 година, сѐ до хируршкото отстранување на газата заборавена во нејзиното тело, чувствувала физичка болка со различен интензитет и времетраење, и тоа болка со јак интензитет континуирано во првите недела дена, потоа болка што била со среден интензитет во текот на година и 4 месеци, и силни болки десет дена по вадењето на газата.

За целиот период по царскиот рез, кај неа имало анксиозност, страв поради тегобите што ги имала, а не знаела од што се причинети. Самото сознание дека има „тумор“ за кој наводно била потребна неопходна операција, го потенцирало стравот. Таа имала душевни болки бидејќи месец и пол по породувањето не можела самостојно да ги извршува животните активности заради тегобите од болките.

РТГ снимање на Клиника / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Наредните година и четири месеци имала напори да ги извршува секојдневните елементарни животни активности. Како последица на претрпената лекарска грешка, таа се здобила со душевна болка поради нагрденост како последица на извршените операции и тие претставувале естетско нарушување од лесен незначителен степен, имајќи ги предвид нејзините социо-емотивни потреби и интереси.

Адвокатот на жената, Филип Филиповски, за „Слободен печат“ вели дека во текот на процесот во судот, никој од болницата не ѝ се извинил на неговата клиентка и дека доколку настан од такви размери се случел во САД, отштетата би била половина милион евра, но во земјава поради тоа што јавните здравствени установи функционираат со ограничени буџети, и досудените отштети се нереални.

– Не само што не ѝ се извинија, туку никој не нѐ побара да се обиде на каков било начин вонсудски да се договориме – додава Филиповски.

Од увидот во јавните набавки за гостиварската болница, евидентно е дека секоја година оваа болница се осигурува од професионална одговорност. Оваа 2023 година, во мај имаат склучено договор за осигурување од професионална одговорност односно од лекарска грешка, кој чини 385 илјади денари. Во него не пишува колку лекари се осигурени и до која максимална сума.

Болницата во Струмица исплатила 6,2 милиони денари отштета за семејството на млада мајка што почина поради лекарска грешка

Судската практика на граѓанските судови во државата, го открива она за кое во болничките ходници само се шепоти: Во земјава репутацијата на лекарите се штити од темната дамка на тешките дела против здравјето на луѓето во кривичните судови, но во граѓанските парници, болниците како институции редовно плаќаат отштети за материјална и нематеријална штета. Полесно е, се чини, болницата да преземе колективна одговорност каде што нема да фигурира ничие лично име и презиме, отколку да биде оцрнето досието на некој лекар.

Тоа го покажува и случајот на родилка што починала во Општата болница во Струмица, затоа што лекарот не видел дека оставил дел од постелката во матката, по што таа некротизирала и жената починала од сепса. На овој свет го оставила бебето кое немало наполнето ниту еден месец, ожалостениот сопруг кој паднал во депресија и родителите.

За ова, болницата осум години подоцна платила 6,2 милиони денари материјална и нематеријална штета на семејството, кое вистината упорно ја барало со ексхумација на телото. Документите со кои располагаме, раскажуваат дека младата мајка починала затоа што медицинскиот тим што ја пораѓал, не забележал дека во нејзиното тело останал мал дел од постелката, кој некротизирал и довел до сепса.

Лекарка во округот на Клинички центар / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Душевните болки на ова семејство од Струмица траеле, траат и ќе траат, а не ги олеснила ни судската пресуда за чија финалност, правосилност и наплата со извршител – поминале дури 8 години од кобниот настан. Во овие 8 години предметот се враќал на првостепен суд, биле вршени ревизии, односно се одолжувала правдата до максимум.

Упорноста на таткото на сега покојната родилка, да ја најде вистината за смртта на своето чедо, довела и до тоа да се согласи на ексхумација. Откако жената починала, душевните болки на семејството биле немерливи. Обвинителството на почетокот ја отфрлило кривичната пријава против лекарот што го вршел породувањето, но таткото на починатата жена не се откажувал од барањето на вистината, па направена била ексхумација и обдукција, од која се докажало дека причината за смртта била сепак – одговорност на болницата! Ако не се направела ексхумацијата, тогаш и вистината ќе останела скриена.

Кобното породување се случило во 2012 година, на гинеколошко-акушерското одделение во Општата болница Струмица. Таму покојната се јавила на преглед во 37-та недела од бременоста со пукнат воденик и со породилни болки. Се породила за 10 минути и навидум сѐ изгледало дека е во ред. Лекарот извршил инспекција и не утврдил никакви заостатоци од постелката во матката на родилката. По шиењето, жената била однесена вообичаено – на одделение.

Но, утредента почнале сериозни компликации, кои ќе доведат до фатален крај за неа, а кои не биле дијагностицирани од медицинскиот тим во струмичката болница. Жената имала покачена телесна температура од 38,4 степени. Превентивно ѝ дале антибиотик, а потоа ја испишале од болницата со температура од 37 степени, без да ѝ направат лабораториски испитувања на крвта или ехо, иако биле должни како болница тоа да го сторат.

Кога дошла дома, состојбата на родилката само продолжила да се влошува. Кога го однела бебето на вакцинација со сопругот, лекарката вработена во приватната ординација ѝ кажала на младата мајка дека изгледа многу лошо и ѝ предложила да направи крвна слика.

Резултатите биле катастрофални, со покачена седиментација и покачени леукоцити. Таа била упатена на гинеколог, кој не видел дека има проблеми. Од причина што здравствената состојба на жената била многу лоша, двајца лекари ја прегледале и откриле дека во стомакот има течност, но не можеле да утврдат од што е течноста.

Лекар турка пациент во количка на Клинички центар / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Здравствената состојба сè повеќе се влошувала, па со возило на струмичката болница, пациентката била пренесена на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје како итен случај. Таму за првпат при извршен ехо-преглед од двајца гинеколози, кај неа бил утврден остаток од постелка во телото. И покрај укажаната лекарска помош од лекарите на скопски клиники, жената починала на КАРИЛ.

По извршениот погреб, таткото со цел да ја утврди причината за нејзината смрт, поднел барање за ексхумација и обдукција. Тој поднел и кривична пријава до ОЈО Струмица против лекарот од струмичката болница што ја породил ќерка му, ама јавниот обвинител се откажал од гонење, а истрагата била запрена. Ни ова не го запрел исконскиот порив за дознавање на вистината кај повредениот и ожалостен родител. Таткото во законски рок поднел нов, супсидијарен обвинителен акт.

Во текот на кривичната постапка против лекарот, вештачење извршил Институтот за судска медицина. Со ова вештачење, како крунски доказ донесена е пресудата во полза на семејството. Вештите лица појасниле дека по извршеното породување, мал дел од плацентата бил заостанат во матката и бил констатиран дури на ГАК во Скопје, а констатиран бил и од патохистолошкиот наод. Овој заостанат дел од матката некротизирал поради што се јавила сепса.

Врвна професорка по судска медицина, доктор Верица Поповска, во својата изјава дадена пред основниот суд Струмица, потврдила дека сепсата се развила како последица од тоа што во матката оставен бил дел од плацентата, а за тоа одговорна била болницата.

„Доктор Верица Поповска во својата изјава има потврдено дека лекарот што ја пораѓал жената направил превид, односно не забележал дека во плацентата недостасува мало парче и се довел во стварна заблуда.

Во случајот, доктор Поповска потврдила дека постои лекарска грешка на ниво на институција, дека одговорноста ја носи болницата поради пропустите во организацијата, во постапувањето и во методолошката организација.

Остатокот од плацентата во матката, бил причина за сепса“, се наведува во пресудата во која имавме увид.

И додека граѓанскиот суд пресудил дека болницата има одговорност, кривичниот суд пресудил дека лекарот нема кривична одговорност и дека не сторил тешки дела против здравјето на луѓето. Иако не била утврдена кривична одговорност кај лекарот, сепак болницата има одговорност за настанатата штета.

Особено траорни се деловите од пресудата за страдањето на семејството по загубата на својата блиска сопруга и ќерка:

„Поради смртта на родилката, нејзиното семејство доживеало душевна болка утврдена од психијатар доктор Љубинка Вета. Сопругот на починатата не можел да ја прифати трагичната вистина дека останал сам со нивното новородено дете на кое толку многу му се радувале заедно.

По смртта на неговата жена, многу работи во неговиот живот се промениле. Веселата атмосфера во куќата ја снемало. Наместо крштевка и семејни веселби, му се отворил нов и црн пат, редовно одење на гробот. Не сакал да излегува никаде, сè го потсетувало на неговата почината сопруга. Само детето му било утеха, но во исто време и тешка болка кога помислувал дека ќе расте без мајка.

Се повлекол во себе, поради преплавеност од душевната болка поради изгубената сопруга се разболел, имал болки во желудникот и чести главоболки поради што пиел терапија. Се трудел да ја прикрие тагата што навирала во неговите очи за да ги поштеди родителите на сопругата“.

Таткото на починатата од раѓањето сѐ до нејзината смрт, создавал исклучително јака емотивна врска со своето првородено чедо, ќерката. Оваа силна емотивна поврзаност кон ќерката била основа за појава на немерлива и нагласена интензивна душевна болка при нејзината смрт. Изгледал многу истоштено за годините што ги имал, односно пропаднал.

Од моментот на дознавањето на влошената здравствена состојба и соочување со фактот на смртта на неговата ќерка како и чинот на ексхумација што побарале да се направи за да се утврди точната причина за нејзината смрт, кај него се следела интензивна душевна болка што се манифестирала со депресивна состојба.

„Секогаш секаде зборувал само за тоа дека е во исчекување од некаде да се појави неговата ќерка, што всушност било резултат на неговата психичка преокупираност и нереална желба односно непомирување со настанот.

Болката за изгубената ќерка е вечна, ќе трае додека трае неговиот живот, ќе биде присутна во сите негови настани и сеќавања на блиски и на фамилијарни веселби.

Таткото на починатата родилка трпел, трпи и понатаму ќе трпи душевна болка во врска со изгубената ќерка и ќе трае до крајот на неговиот живот. Дополнително, за ексхумација му биле наплатени 224 илјади денари, 30 илјади денари за погреб и 92 илјади денари за надгробна плоча“, пишува во пресудата.

Мајката на починатата родилка била многу емотивно поврзана со својата ќерка, по смртта на ќерка си секој ден одела на гробишта, имала несоница, немала интерес за секојдневните активности, не сакала да комуницира со луѓето. Во таа состојба доминирал депресивен афект, депресивно расположение, а волјата била сведена на минимум.

„Душевната болка на мајката за изгубената рожба е трајна категорија и да исчезне е невозможно. Болката за изгубената ќерка е вечна и ќе трае додека таа не умре и ќе биде присутна во сите нејзини настани и сеќавања“, пишува во пресудата.

По осумгодишен пинг-понг во судовите, враќање на предметот на првостепен суд па на апелација, па повторно на ново судење, донесена е правосилна пресуда и според адвокатот на семејството, целосно е наплатена преку извршител.

Градска болница во Струмица / Фото: Архива

Адвокатот, исто така, тврди дека за време на ковид-кризата поради наплатата на штетите досудени со пресудата, на сметката на струмичката болница ѝ се заканувала блокада, со оглед на тоа што станува збор за 6,2 милиони денари.

Апелација пресудила:

„Правилно одлучил првостепениот суд, дека станува збор за професионална одговорност во вршењето на работите, што значи дека не треба да се утврдува вина кај работникот за да би можел да одговара работодавачот. Ова од причина што вработените лекари при вршењето на својата работа во дадените околности не постапиле онака како што би требало да постапат и не го посветиле она внимание што се барало според правилата на вршењето на професијата.

Болницата не докажа дека лекарите постапиле како што би требало да постапат во дадениот случај.

Напротив, од изведените докази од извршените вештачења се утврди дека на пациентката не ѝ биле направени основните лекарски испитувања што се задолжителни при испис од болница, а тоа е анализа на крвта и ехо преглед, туку напротив, таа била испишана од болницата со температура од 37 степени, така што болницата е објективно одговорна за причинетата штета на тужителите, семејството на починатата пациентка, имајќи ги предвид нивните трауми, душевна болка како и психичките трауми и емоции што ќе ги има и детето во неговиот натамошен развој поради недостиг на мајчина љубов и грижа“, стои во пресудата.

Од друга страна, пак, Основниот суд Струмица утврдил дека лекарот вработен во болницата е ослободен од обвинение за тешки дела против здравјето на луѓето прифаќајќи дека тој ги презел сите потребни дејства според правилата на медицинската струка и применил средства и методи за породување кои се вообичаени.

Тужениот (болницата во Струмица) не докажал дека вработените ги презеле сите потребни мерки во согласност со методологијата, правилата и нормативите. Судот пресуди дека во случајот постои лекарска грешка на ниво на институција и во овој случај одговорноста треба да ја сноси болницата поради пропустите во организацијата и во конкретното постапување.

Сега покојната, вработените ја испишале од болница со мала покачена телесна температура, без проверка на крвната слика и без направено ехо, од каде што со сигурност би можело да се утврди дека постои инфекција кај неа и со тоа би се создала можност за избегнување на смртта.

 

Продолжува утре (09.08.2023) со случај „Медицински туризам од врата на врата низ три болници во Скопје на тешко повредена пациентка во ризик да остане инвалид“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот