Скоро 200 институции се големи должници за струја, на најмалку 17 веќе „им се стемни“ поради неплатени сметки

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пробите за претставата „Три сестри“ во Албанскиот театар деновиве се одржуваат само додека има дневна светлина, зашто поради неплатени сметки, на театарот им ја исклучиле струјата. Има уште најмалку 16 институции кои се исклучени, 186 се големи должници, а Владата нема одговор како ќе продолжат да функционираат, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Актерот Фисник Зеќири вели дека пробите ги прават преку ден, додека се гледа, но не се сигурни кога ќе биде премиерата. Се надеваат дека ќе добијат струја до крај на неделава.

„Моментално држиме проби преку ден, од сабајле до 4-5, додека има сончева светлина. Се снаоѓаме со ајпад, јутјуб, батерии“, вели тој.

Минатиот месец без струја остана и Националната опера и балет (НОБ), но по десетина дена повторно беше вклучена, по што пејачите и танчарите продолжија со пробите и репертоарот.

Министерството за култура денеска соопшти дека со внатрешна прераспределба на буџетот нашле пари за плаќање на сметките и враќање на струјата во двете институции. НОБ должела 6,5 милиони денари (околу 105 илјади евра), а Албанскиот театар 4,2 милиони денари, односно околу 70 илјади евра за струја.

Во Министерството велат дека, и покрај поскапувањето на струјата, обезбедиле пари за редовно плаќање на сметките.

„Не се очекува каков било прекин на работата на институциите од културата“, велат во Министерството.

Во ЕВН, најголемиот снабдувач со струја во земјава, велат дека не знаат колку јавни и државни институции се исклучени од другите снабдувачи, но оти кај нив има 430 корисници со голем број неплатени сметки, од кои 186 се државни и јавни институции.

„Исклучени се 23 мерни места, а 16 од нив ги поседуваат државните/јавните институции“, велат во ЕВН.

Тие не ги откриваат имињата на најголемите должници поради доверливост, но велат дека меѓу нив има такви на кои според закон не смее да им се исклучи напојувањето – болници и други здравствени установи, објекти за водоснабдување и пречистителни станици, железници…

АД Водостопанство, фирмата која управува со каналите за наводнување во земјава, должи скоро два милиони евра за струја, а само долгот направен годинава изнесува 1,6 милиони евра. Македонски железници – Транспорт, фирмата која управува со патничкиот железнички сообраќај, кој се одвива и со електрични возови, должи 1,3 милиони евра за струја.

Директорите на јавни комунални претпријатија минатата недела се пожалија дека претпријатијата се пред банкрот поради високите сметки за струја, тврдејќи дека им доаѓаат и по десетпати повисоки сметки од лани.

РСЕ уште во петокот испратило прашања до Владата: колку јавни и државни институции се исклучени од струја поради неплатени долгови, колку пари должат државните институции за струја и како ќе продолжат да функционираат без струја, но оттаму засега нема одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот