Скопје: Колку „тежат“ кандидатите за градоначалник наспроти партиите?

Петрит Сарачини

Невозможно е да се има сериозни резултати во изборната битка без партиска поддршка. Но, исто така е неспорно дека освен партиската поддршка, друг одлучувачки фактор е и квалитетот на кандидатот.

И на овие локални избори, како и на сите избори низ годините, изборната битка за Град Скопје е несомнено најважната, не само за локалните теми. Кај нас е речиси невозможно да се имаат сериозни резултати во изборната битка без партиска поддршка. Но, исто така е неспорно дека освен партиската поддршка, друг одлучувачки фактор е и квалитетот на предложениот кандидат, а најмногу способноста да придобие гласови од партиски неопределените.

Па, да видиме, колку од потенцијалот на Шилегов и на Арсовска, а и на другите кандидати што трчаа за градоначалник на Скопје поддржани од партиски и други коалиции, се должи на гласовите од членови и од симпатизери на партиите и иницијативите и оние што гласаа за советничките листи, а колку тие самите успеале да привлечат гласови надвор од партиската кампања, поддржувачи и гласачи на тие опции.

Ако се направи оваа споредба, најголем скор има кандидатот на СДСМ и коалицијата Петре Шилегов. Листата на СДСМ за Советот на Скопје освои 53.204 гласа, додека Шилегов 78.783, односно над 25 илјади гласови повеќе. Добар дел од тие гласови веројатно и можно е да се должи на поддршката од коалициските партнери што немаа кандидат за градоначалник, како ДУИ која добила 26.351 гласа, а и ДПА со 679 гласа и БЕСА со 2.303 гласа, но и тоа е показател дека кандидатот сепак бил прифатлив и за тоа гласачко тело, а веројатно и за други гласачи од други партии или неопределени, коишто очигледно гласале за Шилегов.

Данела Арсовска, која ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, освоила 86.698 гласа, за разлика од партијата и нејзината коалиција кои освоиле 79.409 гласа за Советот на Скопје. Разликата е над 7000 гласа повеќе Арсовска, но и тука треба да се има предвид дека и Арсовска сметаше на поддршката од коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива, која освои 11.448 гласа за Советот на градот. Но, очигледно, Арсовска не била толку прифатлива како Шилегов, и за гласачите на АА-А и покрај партиските насоки да ја поддржат, а и за други гласачи.

Левица со листата за советници во Град Скопје освои 20.333, а кандидатот Петар Георгиевски Камиказа донел едвај 300 гласа повеќе, односно 20.609 гласачи му ја дадоа довербата во првиот круг. Слично, но малку подобро стои независната кандидатка Ана Петровска, споредено со листата на коалицијата што ја предложи. Листата за Советот на „Зелен хуман град“ предводена од Драгана Велковска, освоила 9.223 гласови, додека пак кандидатката за градоначалничка Ана Петровска успеа да освои 9.954 гласови, или над 700 гласови повеќе.

Најлошо споредено со партиската листа помина кандидатот за градоначалник предложен од ДОМ и ЛДП, Арбен Шаќири. Коалицијата „Одлучно за промени“ на ЛДП/ДОМ со кандидатската листа за Советот на Скопје освоила 9.287 гласа, а нејзиниот кандидат Арбен Шаќири Бени освоил 8.911 гласа, што претставува 370-ина гласа помалку од коалицијата што го предложила.

Кај помалите партии, кандидатите главно успеале да мобилизираат повеќе гласови, но далеку од доволно за да се сметаат за некаква позначајна додадена вредност за партиите што ги предложиле. Твоја партија освои 1.535, а нејзиниот кандидат Александар Тортевски 2.669, односно 1.100 гласови повеќе. Листата на РМ освоила 971 глас, а нејзиниот кандидат за градоначалник Владимир Трајковски 1.739 гласа, околу 750 гласови повеќе. БДС освоиле 1.123 гласа, а кандидатот Мунир Колашинац над 500 гласови повеќе односно 1.681.

Од оние под и околу 100 гласа, Интегра освоиле 929, а нивниот кандидат, д-р Тодор Ношпал 1.332, односно 400-тини гласови повеќе. Славе Несторовски освоил 613 гласа, 100 повеќе од неговата со ТМРО 514 гласа. Листата на Демократи освои 397 гласа, а нивниот кандидат за градоначалник Љубомир Јосифовски 439, или околу 40-тина гласови повеќе.

 

Извор: Цивил медија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот