Скопјанец во паника: По грешка, прво му ја вбризгале втората доза од Спутник В, бара на писмено да му кажат што понатаму!

Фото: EPA

Вработен во критична инфраструктура пред три недели заминал во салата Борис Трајковски да се вакцинира против коронавирусот за првпат. Меѓутоа, кога го добил вакциналниот картон, му станало јасно дека всушност му е вбризгана втората доза од вакцината Спутник В, односно ревакцината, а не првата доза како што требало.

Како што раскажува неговата снаа за „Слободен печат“ инсистирајќи на анонимност, сега не му е јасно дали вакцинацијата за него ќе биде успешна, дали ќе има здравствени последици поради тоа што е измешан редоследот на дозите и бара Министерството за здравство на писмено да му гарантира дека се со него ќе биде во ред. Со такво барање се обратил во службите на Министерството за здравство, со допис, кој му бил примен и заверен со архивски број, меѓутоа одговор на дописот нема.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

-Првата и втората доза на Спутник В, односно вакцината и ревакцината се разликуват меѓу себе и содржат различни вектори. Затоа, не знае дали ќе му биде добро, дали да оди во понеделник да ја прими другата доза, со оглед на тоа дека првиот пат прими доза во погрешен редослед. На прашањето дали ќе има проблем што прво му е дадена втората, а потоа првата доза од Спутник, никој официјално црно на бело не му потврдува дека по неговото здравје нема да има последици и дека вакцинацијата за него ќе биде успешна. Не му кажуваат официјално ниту дали да ја прими првата доза во понеделник за кога му е закажан термин, а времето истекува, вели таа за Слободен печат. Семејството е разочарано што институциите не го водат случајот официјално, не следат што се случува со пациентот, не му земаат крвни анализи и бараат да им биде одговорено на прашањата.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

-Човечки е да се направи грешка, но не е во ред да не се следи случајот. Очекувавме барем Министерството да се обрати до рускиот производител на писмено и да добиеме официјална потврда оттаму дека нема да има последици по здравјето. Зет ми дознал дека му е дадена втората доза, кога побарал картонче со информации за вакцината. Тогаш тој што го боцкал му рекол ,,првпат ти е?”, изненаден и тогаш му кажал дека само што му дал ревакцина од Спутник, вели таа.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

„Слободен печат“ во Министерството за здравство се обрати да прашања дали е опасно пациент да биде вакциниран прво со ,,ревакцината” а после со првата доза од вакцината, односно да се менува редоследот на дозите, како што се случило по грешка во случајот. Прашавме какви дејствија презеле надлежните за овој случај и дали ќе има одговорност за тој што ја дал дозата. Одговор од таму очекуваме во текот на денот. Семејството на пациентот тврди дека вознемиреноста и исчекувањето што ќе се случи со него се стресни и дека се чувствува како експеримент, особено зашто не познава ниеден друг човек во слична ситуација, односно нема искуства кои би можеле да му помогнат во одлуката дали треба или не треба да ја прими првата доза во обратен редослед.

Слободен печат се обрати кај повеќе професори на Медицинскиот факултет кои неофицијално рекоа дека нема опасност по животот и здравјето на пациентот доколку дозите Спутник му се дадат во обратен редослед.

Професор доктор Драган Даниловски вели дека вакцината Спутник В е развиена врз основа на аденовируси, односно тип на вируси кои предизвикуваат обична настинка.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

-Генот за спајк протеинот на коронавирусот со кој тој пенетрира во клетките на човекот е додаден во генетската структура на два типа аденовируси, едниот наречен Ad26, а другиот Аd5. Тие се така обработени да можат да ги напаѓаат клетките но не и да се размножуваат. Играат улога на вектори односно носачи кои го воведуваат генот на спајк протеинот во клетките на човечкиот организам. После тоа тој произведува антитела против спајк протеинот. Зошто има два типа на аденовирус? Затоа што можно е голем дел од луѓето да поседуваат имунитет против аденовирусите со оглед на големата честота на настинките. Ако би се користел само еден тип на аденовирус, хипотетички, би можело да се случи луѓе кои имаат имунитет да го неутрализираат вирусот после давање на вакцината. И тогаш вакцината нема да има ефект. Меѓутоа, помалку веројатно е да се има имунитет против два типа на аденовирус. На таков начин се обезбедува поголема веројатност за успешност на вакцината. Тоа е успешно постигнато. Ефикасноста на Спутник В е 91.6 проценти. Прво се дава доза на вакцина со типот Аd26, a втората доза е со типот Ad5. Инаку Спутник В е плод на децениски истражувања на вакцини базирани на аденовируси. Првата беше одобрена за општа употреба минатата година-вакцината против ебола, направена од Џонсон и Џонсон. Вакцината против ковид 19 на Џонсон и Џонсон се заснова на аденовирус од типот Ad26 (само една доза), а Астра Зенека употребува аденовирус што предизвикува настинка кај шимпанзо. Што би се случило ако случајно се измеша редоследот на дозите? Баш ништо! За иницирање на имун одговор на организмот ирелевантно е кој тип на аденовирус ќе биде внесен прв, вели професор доктор Драган Даниловски за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот