Скандал во ЗОО Скопје: „Мачка заробена во кафез, вработен ја спушти во езерцето, додека ние врескавме од ужас“, тврди очевидец
Посетителка на Зоолошката градина Скопје за „Слободен печат“ вели дека вработен во Зоолошката во неделата спуштил кафез во кој имало мачка, во езерото, а животното почнало да се дави.
-Ги однесовме малите деца во „Бејби ЗОО“ во неделата, утрината околу 10 часот и 30 минути, да им покажеме како ги хранат зајчињата, да им всадиме љубов кон животните, но тоа што го начекавме внатре буквално не згрози и сите четворица што бевме сведоци сме спремни да го потврдиме пред надлежните органи, вели за „Слободен печат“ Ангелина Јованова, посетителка на Зоолошката градина во Скопје.
Таа за „Слободен печат“ објаснува, дека во неделата кога во Зоолошката градина влегла со своето бебе и со уште четворица други посетители, видела дека вработен во Зоолошката градина, во кафез држи мачка која ја спуштил во водата од езерцето и животното почнало да се дави. Еден од присутните странци, според зборовите на Јованова бил вчудоневиден:
-Кафезот беше премал, а мачката избезумена. Веднаш кога го видовме се вџашивме и се вознемиривме, почнавме да викаме на сиот глас да го пушти животното, да не го дави. Мачката се бореше за живот. Кога не виде, го зема кафезот, влезе во комбето и избега. Возеше брзо. Пред тоа рече „ми ги дави пилињата“. Четворица возрасни бевме и сите видовме, тврди Јованова.
„Слободен печат“ побара реакција за настанот од Зоолошката градина- Скопје од каде ни одговорија дека веднаш ќе спроведат анализа, па кога ќе донесат заклучоци, ќе ги споделат.
Запознаени сме за настанот, одговорните лица во нашата установа отпочнаа постапка, со оглед на краткото поминато време истата е во прва фаза во која превземаме дејствија за да ги утврдиме сите можни факти. Откако ќе ги утврдиме сите можни факти, врз основа на истите утврдуваме дали има основ да отпочнеме дисциплинска или друга соодветна постапка, велат од Зоолошката градина Скопје за „Слободен печат“.