Синот на загинатиот Ангеловски, смета дека три години затвор за Гордана Филиповиќ е ниска казна

Кумановката Гордана Филиповиќ, вчера беше осудена на тригодишна затворска казна за сообраќајка од 2022 година, каде таа го прегази 76-годишниот пешак Слободан Ангеловски со својот автомобил БМВ пред мостот „Гоце Делчев“ во Скопје. Ќерката на Гордана Филиповиќ, Јелена Филиповиќ исто така загина во сообраќајна несреќа по што во Скопје осамнаа билборди со напис „Возев пијан и дрогиран, ја убив Јелена“.

Сообраќајната незгода во која учествуваше Гордана Филиповиќ а која се случи на мостот „Гоце Делчев“, се случила откако таа не застанала на пешачкиот премин каде поминувал сега покојниот Ангеловски. Како отежнителна околност според судот е тоа што Гордана не застанала на пешачкиот премин иако две возила веќе чекале Ангеловски да помине на пешачкиот премин. Дополнително, кога се случи сообраќајката, таа имала забрана да вози. Судот ценеше дека олеснителни околности за Филиповиќ се нејзината досегашна неосудуваност како и тоа што е млада и искрено се кае, како и фактот што самата жена ја има изгубено сопствената ќерка во сообраќајка.

Синот на загинатиот пешак Слободан Ангеловски за „Слободен печат“ изјави дека очекува Обвинителството да поднесе жалба за пресудата.

-Очекувам Обвинителството да поднесе жалба, затоа што казната е под минимумот, вели Стојан Ангеловски за „Слободен печат“.

Судот ѝ забрани на Гордана Филиповиќ да управува со моторно возило 5 години.

За претходниот случај во кој загина ќерката на Гордана Филиповиќ, таа сведочеше за својата семејна голгота кога гробот на ќерка ѝ беше осквернавен и отворен, според полицијата за да биде украден златен накит, а според мајката – како знак на заплашување.

Момчето кое управувало со автомобилот во сообраќајката каде загина Јелена Филиповиќ призна вина и доби седум иполгодишна казна затвор од скопскиот кривичен суд. Возачот ја призна вината во која почина седумнаесетгодишната девојка, а семејството до самиот крај се сомневаше на убиство. Таткото на загинатата девојка пак, од кумановското обвинителство доби обвинение за нарачка на убиство односно дека со умисла поттикнувал две лица да лишат од живот три лица. Според обвинителството, поттикнувањето го вршел заради одмазда на смртта на ќерка си која загина во сообраќајката. Обвинетиот, како што информира од Обвинителството, за да го изврши делото, искористил претходен долг на парични средства кои тој му ги позајмил на еден од пријавителите, оштетен во предметот.

-Имено, обвинетиот му позајмил 50.000 евра на оштетениот, на која сума постојано засметувал камата, со што го зголемувал долгот до сума од 80.000 евра. Искористувајќи го фактот дека оштетениот му должи пари, обвинетиот во периодот од април до август 2021 година, на различни локации во Куманово, на оштетениот, а потоа и на друго лице, исто така оштетен, им предложил, наместо да му се врати дологот од 80.000 евра, тој долг да го прости, а воедно да им додаде уште 40.000 евра. За возврат, побарал од оштетените да им го одземат животот на трите лица. Откако увидел дека не постапуваат по договореното, обвинетиот неколкупати, покрај понудените парични средства за да ги извршат бараните убиства, започнал да им се заканува на оштетените по нивните, како и по животот и телото на членовите на нивните семејства. Оштетените одбиле да ги извршат убиствата и случајот го пријавиле во полиција, соопштија од ЈОРСМ.

После ова обвинителството му го продолжи притворот на таткото на Јелена поради страв дека може да избега.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот