Синодот на МПЦ – ОА: Да се зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и историја

Македонска православна црква г.г. Стефан
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА) очекува Владата и сите останати општествено-политички фактори да се обединат и да изградат стратегија, која целосно ќе го зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и историја во семејството на европските народи.

Синодот, во соопштението по денешната вонредна седница на која дискутирало за актуелната состојба во македонското општество, ја информира јавноста, доколку во која било форма биде загрозена македонската посебност, МПЦ – ОА нема да го прифати тоа.

„Светиот Синод со загриженост посвети внимание на ситуацијата предизвикана од последниот модифициран француски предлог, како и последиците што би произлегле од истиот, и повторно упатува апел за неприкосновено зачувување на македонските национални интереси. Како Синод очекуваме Владата и сите останати општествено-политички фактори, вклучени во овој процес да се обединат и да изградат стратегија, која целосно ќе го зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и историја во семејството на европските народи. Синодот ја информира јавноста, доколку во која било форма биде загрозена македонската посебност, МПЦ – ОА нема да го прифати тоа“, се наведува во соопштението од САС на МПЦ – ОА.

Воедно, од Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА, го повикуваат македонскиот народ и сите граѓаните во македонското општество на целосно обединување, притоа да ги искористат сите демократски средства за зачувување на својот опстој. – Оние, пак, кои одлучиле преку протест да го остварат своето право, тоа да го направат достоинствено, без насилство и без уништување на јавните добра, се наведува во соопштението.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот