Мирослав Трлин

Синдром на варена жаба

Во последните години сè почесто гледаме црни наслови за масовното иселување од Македонија. Се зборува за стотици илјади заминати, за празни училници, за градови што тивко стареат, за тоа дека веќе не е иселување, туку вистинска евакуација. Бројките се различни, но пораката е иста – државата ни се празни, и тоа најмногу од младите и работоспособните луѓе.

Повеќегодишните анкети и истражувања само го потврдуваат она што сите го чувствуваме: луѓето не си заминуваат поради авантура, туку затоа што не се чувствуваат сигурни во сопствената држава. Неправдата, корупцијата и чувството дека „ништо не зависи од тебе“ ги оттурнуваат граѓаните да го бараат својот живот на друго место. Институциите кои треба да бидат столбови на системот – судството, инспекциите и администрацијата – наместо доверба, често создаваат разочарување.

И тука доаѓа едно прашање кое ретко се поставува: ако толку многу луѓе си заминуваат, кои се оние што остануваат? Одговорот нè потсетува на познатата приказна за т.н. „синдром на варена жаба“.

Замислете жаба ставена во сад со студена вода. Таа лежи мирно. Водата полека се загрева, но таа се навикнува. Температурата расте – таа повторно се приспособува. Така постепено, без да забележи, водата стигнува до вриење. А тогаш веќе нема сила да скокне и да се спаси. Не ја убива врелата вода, туку тоа што навреме не се решила да излезе од неа.
Можеби најголемиот проблем не е што некој ја загрева водата, туку што ние предолго ја прифаќаме како нормална.

Многумина ќе се препознаат во оваа приказна. Живееме во услови кои одамна не се нормални, но бидејќи до нив сме стигнувале постепено – се навикнуваме. Секојдневно трпиме неправда, корупција, партизација, лошо здравство, слабо образование, неказнивост и бескрајни ветувања. И затоа ретко се прашуваме дали ова што го живееме е нормално или само сме се навикнале на температура која одамна не ни одговара.

И тука е суштината: дали сме веќе на точката каде што водата врие? Дали навреме ќе собереме храброст да реагираме?

Но важно е да се разбере едно: „скокот“ кај нас не треба да значи бегство од државата. Тоа е најлесниот, но и најтажниот излез. Вистинската промена не е во заминувањето, туку во преземањето на контролата. Во тоа граѓаните да кажат дека ова е нивна држава и дека никој нема право да ја води како приватна сопственост. Во тоа да се отстранат оние што ја загревале водата и да се создадат услови во кои луѓето ќе сакаат да останат, а не да бегаат.

Македонија може да биде место каде младите ќе гледаат иднина, а не проблем. Но тоа може да се случи само ако доволно рано сфатиме дека водата не смее да зоврие.
Да се надеваме дека причините за иселување ќе станат наше минато, а останувањето – наша иднина. Затоа што ова е наша држава, а нашите животи не смеат да бидат како на жабата што премолчено се приспособувала сè додека не било предоцна.

(Авторот е дипломиран економист во пензија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот