Силна поддршка од Германија за Отворен Балкан и покрај регионалните отпори

Отворен Балкан. / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Итна задача сега е да се финализираат преговорите за договорите за личните карти, за мобилност за патување за државјани на трети земји и за признавање на академските и професионалните квалификации – смета германската влада.

Секоја регионална соработка на Западен Балкан е од корист. Во исто време, важно е соработката да остане инклузивна и отворена за сите шест земји во регионот. Затоа силно го поддржуваме акцискиот план за заеднички регионален пазар – изјавил неименуван портпарол на германската федерална влада за косовскиот весник „Газета експрес“.

Германската влада оценува дека шефовите на влади на шесте земји од Западен Балкан ја потврдиле својата посветеност кон овој историски проект на последниот самит на Берлинскиот процес на 5 јули.

– Итна задача сега е да се финализираат преговорите за договорите за личните карти, за мобилност за патување за државјани на трети земји и за признавање на академските и професионалните квалификации. Како што нагласи германската канцеларка Меркел за време на прес-конференцијата по самитот во Берлин на 5 јули, мора да се удвојат напорите за да се постигне овој важен чекор напред на самитот ЕУ-Западен Балкан на 6 октомври – рекол претставникот на германската влада. Тој додал дека посветеноста на Германија кон европските перспективи на земјите од Западен Балкан, врз основа на новата методологија за проширување, останува непроменета.

И германскиот пратеник Петер Бејер дал изјава за косовскиот весник дека иницијативите Берлински процес, Мини Шенген, Отворен Балкан, во суштина имаат иста идеја за регионална соработка. Затоа, на прашањето како Косово да се справи со Отворен Балкан тој одговорил: „Бидете дел од него“.

Премиерот на Албанија Еди Рама во објава на Фејсбук ја поздрави германската поддршка.

„Прекрасно! Германската влада го поддржува Отворен Балкан, наспроти она што на луѓето во Приштина и Тирана им го велат оние што нѐ прашуваат за Америка. И не само тоа, Германија бара итно потпишување на договорите за заеднички регионален пазар пред Самитот ЕУ-Балкан на 6 октомври! Отворен Балкан, според германската влада, треба да биде сеопфатен, и да, се разбира, треба да биде така. Затоа, вратата е отворена, но ние на сила не можеме да вклучиме никого, ниту пак можеме да чекаме додека им се наполни умот на оние што не сакаат да разберат дека ова е патот на иднината“, напиша Рама.

Како што е познато, премиерите на Македонија, на Албанија и на Србија, Еди Рама Зоран Заев и Александар Вучиќ, ја туркаат регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, но Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, се чини, не сакаат да се приклучат кон иницијативата.

Исто така, минатата недела САД соопштија дека ги поддржуваат напорите на земјите од Западен Балкан за зајакнување на економската интеграција и ја повикаа косовската влада да се приклучи кон иницијативата „Отворен Балкан“ за зајакнување на економската и регионалната интеграција.

Албанскиот премиер Рама, кој е изложен на напади поради учеството во оваа иницијатива, претходно во подолга објава оцени дека Отворен Балкан не е само пат за иднината за просперитет на албанската нација како европска, која има своја припадност во обединета Европа, туку е и нова, поголема можност, на пат кон признавање на Косово од страна на Србија. Според него Отворен Балкан „конечно ја отстранува границата меѓу Албанија и Косово.

– Дали Косово може да постигне мир и просперитет, како и Албанците во целина, со претворање на дијалогот со Србија во „монолог“ што не ја „расипува“ работата на Србија? Поради целата вина на косовските монолози, Србија сега повеќе се чини невино, додека Косово изгледа сѐ помалку разумно? – напиша Рама. На тие што го прогласуваат за предавник, Рама им порача дека тој прв зборувал за потребата од признавање на Косово од страна на Србија и тоа среде Белград.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот