Сиљановска: Пенелопа од нашиот сокак
Политичарите, интелектуалците, јавните личности, новинарите, дипломатите…, заради својата наобразба и достапните информации го немаат луксузот за импровизации за иднината на следните генерации, на својот народ, кој во демократските општества им ја дава довербата за да му обезбедат мир, развој и стабилни социо-економски услови.
Веќе десет дена ми зујат ушите од пофалбите на новинарот Панде Колемишевски за „најинспиративниот говор“ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пред акредитираните дипломати во нашата земја, иако самиот вели дека „не е толку продуктивен“. Па тогаш за што и за кого бил наменет: за дипломатите или за премиерот Мицкоски, за послушниците во ВМРО-ДПМНЕ што ја избраа?
Препорачано
Странските дипломати верувам дека не беа изненадени од говорот на Сиљановска на приемот што им го приреди. Можеби беа зашеметени од нејзиниот разбрануван и драматуршки говор, богат со наменски интелектуалистички асоцијации за оправдување на застојот на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија. Но, за овие дипломати секако – неефикасен!
Ако барем малку ми е познат дипломатскиот менталитет, нивниот бирократско-поданички однос кон актуелните политики на сопственото раководство, излагањето на Сиљановска не ја постигна целта. Дипломатите него ќе го коментираат и ќе го сведат во сферата на банално повторување на владината политика заснована на стереотипи, балкански опседнатости, повторна плачка за немањето храброст и визија за развој на идните генерации и отворање на перспективи за сопствената држава. Нема да приложат ни дополнително дообјаснување на „најинспиративниот говор“, како што го видел Панде Колемишевски. Дипломатите се одговорни државни службеници, но за жал „шрафови“, кои собираат информации и нудат варијанти, ја зацврстуваат политиката на сопствените најзначајни, одлучувачики тела/функционери за развојот на нивните земји. А тие, барем во најзначајните земји членки на ЕУ на своите граѓани низ историјата им обезбедуваа(т) перманентен развој и предвидлива иднина за новите генерации.
Ако Сиљановска вели дека „ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон-стоп го менува Уставот (кога станува збор за конкретен устав, Устав се пишува со голема буква, м.з.), на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, кој треба ретко и со рака што трепери да се менува…“. јас сум согласен. Да, и треба раката да затрепери! Но, тој трепет е само камче во мозаикот на македонската историја, сегашност и иднина. Не моја историја, сегашност и иднина, на Сиљановска, на Мицкоски.., туку на безброј идни генерации, кои ќе имаат желба, пожртвуваност и енергија за зачувување на сопствениот макотрпно граден национален субјективитет, а врз таа основа и одржлив државен интегритет.
Едно е, ткаењето и расплеткувањето на ткаенината на Пенелопа и копјето во петата на Ахил во поезијата и фантазијата на слепиот поет Хомер, а друго се реалните, историски неспорни Пелопонески војни, Александаровата империја…, сѐ до Граѓанската војна во Грција. Ако Сиљановска не сака да сфати, а сфаќа (познавајќи ја барем малку), а со тоа и оној Колемишевски, којшто не уверува дека не сака да ѝ се додворува, ја држат опортунистичката, дневна политичка линија за одржување и останување на власт на една „бизнис ориентед“ политичка филозофија, тој пристап има краткорочни ефекти, но дали има и визии за развој на Македонија? Политичарите, интелектуалците, јавните личности, новинарите, дипломатите…, заради својата наобразба и достапните информации го немаат луксузот за импровизации за иднината на следните генерации, на својот народ, кој во демократските општества им ја дава довербата за да му обезбедат мир, развој и стабилни социо-економски услови. Зарем не?
Менувањето на мислењата и позициите е сосема легитимно, но не и во склад на една позната претходна животна патека на именуваните. Да, состојбите и интересите го менуваат мислењето, особено кога се работи за висока позиција, власт, која редовно се служи со манипулација со луѓето и со Буџетот на државата/парите на народот – единствениот мотив за политичка доминација и во недемократски општества… Да не претерав?
И ние, еве поетски да го компарираме чекањето на Пенелопа на својот Одисеј со нашата интеграција во Европската Унија: Оние што ѝ дале рок на итрата Пенелопа да го заврши ткаењето на платното, поетот нѐ информира дека нив Пенелопа ги манипулирала, па дури и дека боговите му наложиле на Париз да ја најде најслабата точка на Ахил – петата, и да го убие… Уф, ама несоодветна компарација. Се извинувам. Дали нас некој ни дал рок, или сами си го даваме – до бесконечност, а петата на Европската Унија, персонифицирана во париско-берлинскиот коридор за мир и сестран прогрес по најкрвавата војна во 20 век, токму Сиљановска и Мицкоски ја најдоа и ќе ја уништат?
(Авторот е поранешен амбасадор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


